Закерберг тренира со боречкиот шампион Волкановски, додека расправијата со Маск се интензивира

За потенцијалната борба меѓу Закерберг и Маск се зборува со недели, а претседателот на УФЦ, Дејна Вајт неодамна изјави дека ќе помогне да се организира настанот помеѓу двајцата извршни директори

фото: Wikimedia Commons / колаж

На фотографија објавена пред три дена се гледа сопственикот на компанијата „Мета“, Марк Закерберг како тренира со двајца УФЦ (Ultimate Fighting Championship – UFC) шампиони и тоа со Израел Адесанја, шампион во средна категорија, инаку државјанин на Нигерија и Нов Зеланд, и со Австралиецот со македонско потекло Александар Волкановски кој е носител на титулата во лесна категорија.

Фотографијата на неговите профили на Тредс и Твитер ја објави Адесанја, кој напиша „Нема лага со Марк, ова е сериозна работа!!“.

 

Post by @stylebender
View on Threads

 

Објавата од тренингот на Марк со двајцата борци доаѓа неколку недели откако сопственикот на „Мета“ прифати борба во кафез со милијардерот и сопственик на Твитер, Илон Маск.

За потенцијалната борба меѓу Закерберг и Маск се зборува со недели, а претседателот на УФЦ, Дејна Вајт, за Њујорк Тајмс неодамна изјави дека ќе помогне да се организира настанот помеѓу двајцата извршни директори.

Пред неколку недели и Маск објави фотографија на која се гледа како тренира со компјутерскиот научник и бразилскиот џиу-џицу борец Лекс Фридман, потсетува „Форбс“.

Не е јасно дали борбата помеѓу Закерберг и Маск ќе се случи, но тензиите меѓу нив двајца се интензивираат откако нивните компании продолжуваат да се натпреваруваат околу доминацијата на пазарот на социјални мрежи.

Маск минатата недела ја обвини „Мета“ дека ги злоупотребила трговските тајни и интелектуалната сопственост на Твитер, при лансирањето на новата социјална мрежа Тредс.

Закерберг пред четири дена објави дека Тредс надминала 100 милиони корисници, што претставува рекордно време во кое една платформа стигнала до оваа бројка.

Инаку, ова не е прва содржина на која може да се забележат Закерберг и Волкановски заедно. Во февруари, извршниот директор на „Мета“ објави видео на кое се гледа како тој и Волкановски тренираат заедно во метаверзумот.