Твитер се закани дека ќе ја тужи „Мета“ поради новата апликација „Тредс“

Адвокатот на Твитер испратил писмо до извршниот директор на „Мета“, Марк Закерберг во кое ја обвинува неговата компанија за систематско, намерно и незаконско присвојување на трговските тајни на Твитер

Фото: Threads

Твитер размислува за тужба против „Мета“ поради нејзината нова брзорастечка ривалска социјална мрежа наречена „Threads“ (Тредс), тврдејќи дека компанијата ги прекршила правата на интелектуална сопственост на Твитер.

Апликацијата која беше лансирана вчера многу наликува на Твитер, а од раководството на компанијата „Мета“ беше опишана како нејзина „пријателска алтернатива“.

Како што пренесоа повеќе светски медиуми, адвокатот на Твитер испратил писмо до извршниот директор на „Мета“, Марк Закерберг во кое ја обвинува неговата компанија за „систематско, намерно и незаконско присвојување на трговските тајни на Твитер и друга интелектуална сопственост“ при креирањето на Тредс.

Адвокатот во своето писмо тврди дека „Мета“ вработила десетици поранешни вработени во Твитер кои имале пристап до трговските тајни на платформата и на крајот помогнале да се развие апликацијата Тредс.

Во писмото се додава дека Твитер има намера да ги спроведе своите права на интелектуална сопственост, додека од „Мета“ се бара да преземе итни чекори за да престане да користи какви било трговски тајни на Твитер.

Сопственикот на Твитер, Илон Маск, на неговата социјална мрежа напиша дека „конкуренцијата е во ред, мамењето не е“, пренесува Би-би-си.

„Мета“, пак, ги отфрли тврдењата дека поранешни вработени во Твитер помогнале да се создаде новата апликација. Портпаролот на компанијата, на Тредс напиша дека „никој од инженерскиот тим на Тредс не е поранешен вработен во Твитер“.

 

Post by @andymstone
View on Threads

 

„Гардијан“ пишува дека е нејасно какви докази има Твитер оти поранешни вработени кои сега работат во „Мета“ имаат пристап до трговските тајни на поранешниот работодавец, а на барањето за коментар, од Твитер на медиумот му одговориле со автоматизирана е-пошта со емотикон со измет.

Според статистиките на матичната компанија „Мета“, за помалку од 24 часа на новата апликација се регистрирале повеќе од 30 милиони луѓе, додека „Врџ“ пишува оти бројот на објави веќе надминал 95 милиони.

Апликацијата веќе се наоѓа на првото место во категоријата „Најдобра бесплатна апликација“ на продавниците за апликации на „Гугл“ и „Епл“.