Договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија следната недела треба да влезе во постапка за ратификација во бугарското Народно собрание, изјавила денеска министерката за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева, пренесуваат софиските медиуми.

Ова Захарива го соопштила на денешната дискусија на тема „Европската интеграција, регионалната соработка и поврзаноста на земјите од Западен Балкан – придонесот на бугарското претседателство (со ЕУ)“, на форумот како дел од заседанието на парламентарните комисии на Народното собрание на Бугарија за европски прашања, за контрола на европските фондови и за надворешна политика.

Одговарајќи на пратеничко прашање, Захариева рекла дека Договорот со Македонија е во повторна процедура на усогласување во министерствата, а следната недела ќе биде разгледан од владата, која ќе го достави на ратификација во парламентот.

Во врска со интеграцијата на земјите од Западен Балкан во Европската Унија, шефицата на бугарската дипломатија рекла дека првпат по 12 години, земјите од регионот се посочени како приоритет на ЕУ и дека првпат како такви се споменати од актуелниот претседател на Европската комисија, Жан-Клод Јункер.

– Темата за Западен Балкан е многу важна и долгорочна и не се исцрпува само со нашето претседателство – рекла Захариева.

Таа истакнала дека само Црна Гора и Србија го имаат отворено преговарачкиот процес, а Македонија и Албанија се во очекување наскоро да ги почнат преговорите за членство во ЕУ.

Договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија беше потпишан од премиерите на двете држави, Зоран Заев и Бојко Борисов, на 1 август годинава во Скопје.

Засега нема најави кога Договорот ќе се најде пред пратениците во Собранието на Република Македонија за ратификација.