Чекор напред кон прифаќање на дипломите и движењето со лична карта во Западен Балкан

Трите договори беа потпишани на самитот на Берлинскиот процес во ноември лани од страна на премиерите на Северна Македонија, Србија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово и Црна Гора

Фото: Мета.мк

Собранието на РСМ денеска ги ратификуваше договорите за меѓусебно признавање на личните карти, за признавање на универзитетските дипломи и за признавање на професионалните квалификации на лекарите по медицина, дентална медицина и архитектите во рамки на земјите од Западен Балкан.

Трите договори беа потпишани на самитот на Берлинскиот процес во ноември лани од страна на премиерите на Северна Македонија, Србија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово и Црна Гора.

Според потпишаниот договор за признавање на личните карти, се олеснуваат условите за патување со поедноставување на административните процедури за влез, транзит и краток престој само со лична карта, но и се обезбедува еднаков третман за сите граѓани од регионот и се укинуваат сите постоечки визи во Западен Балкан.

Наспроти ова, со договорот за признавање на универзитетските дипломи се воспоставуваат заеднички правила и процедури за признавање на високообразовните квалификации, се овозможува мобилност на студентите и академскиот кадар на Западен Балкан, се скратува периодот за донесување одлука за признавање на најмногу 14 дена и се укинуваат постојните давачки за студенти за поднесување барања за признавање на високообразовните квалификации. Овој договор засега се однесува само на државните универзитети.

Договорот за признавање на професионалните квалификации го олеснува движењето на професионалците низ регионот и овозможува обезбедување услуги на лекари, стоматолози и архитекти во Западен Балкан. Овој документ создава и основа за преговори за преостанатите четири регулирани професии: акушерки, медицински сестри, фармацевти и ветеринарни хирурзи, во наредниот период.