Првиот состанок како премиер на владата го одржав со амбасадорот Самуел Жбогар и со неговиот тим, затоа што нема поважна работа за Македонија од интеграциите во ЕУ и во НАТО, изјави премиерот Зоран Заев по состанокот.

На средбата било разговарано за работите што треба новата влада да ги направи во процесот на евроинтеграциите, како и за веќе почнатите проекти, но посебен акцент бил ставен на реформите што треба да се спроведат.

Заев изрази надеж дека ќе успеат да издејствуваат отстранување на блокадата што Грција ја има поставено поради спорот за името и дека што поскоро ќе почнат преговорите со ЕУ.

Жбогар истакна дека дошол да му честита на Заев за одговорностите што го презел како премиер во овој важен период.

– Вчерашната победа на РК „Вардар“ во Лигата на шампионите влеа позитивизам кај граѓаните, па така и ние чувствуваме дека сега е време да почне вистинската работа со реформите. Му ја пренесов на премиерот нашата подготвеност да ѝ помогнеме и да ѝ даваме насоки на владата за да ги спроведе реформите. Сепак, на крајот, одлуките треба да ги донесе владата – рече Жбогар.

На новинарско прашање кога може да се очекува да се тргне условената препорака на Европската комисија за почеток на преговорите со ЕУ, Заев рече дека ќе направат сè за да ја убедат ЕУ да ја тргне условената покана и дека веќе договараат состанок со еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, и со неговиот тим.

Во однос на продолжувањето на мандатот на СЈО, Заев истакна дека имаат договор со коалициските партнери, но дека тоа не е доволно.

– Знаете дека потребни ни се две третини, ќе се обидеме преку дебата во Собранието да ги обезбедиме. Тоа е тешка мисија, затоа што нашите политички опоненти се со спротивен став – рече Заев, додавајќи дека СЈО е формирано со консензус и дека партиите треба да ѝ дозволат на институцијата да ја заврши својата работа за која е формирана.