fbpx

Заев: Предвремени избори најбргу што може, за да решат граѓаните што понатаму

-

Премиерот Зоран Заев, рано попладнево на прес-конференција во владата се обрати до јавноста по непостигнувањето одлука на состанокот на Европскиот Совет да се додели датум на Македонија за почеток на преговорите за зачленување во ЕУ. Тој изрази разочарување од ЕУ и повика да се оддржат предвремени парламентарни избори најбргу што може.

„Пред два дена во Брисел ни беше направена голема неправда. Европската Унија не го испорача тоа што ни го вети. Ние ги завршивме сите наши обврски. Испорачавме резултати во реформите, ги решивме споровите со соседите. А тие не си останаа на зборот и не испорачаа. Тоа што Европската Унија не успеа да донесе одлука за отворање преговори со нас е нивна историска грешка, и тоа го потврдија сите европски лидери. Ние направивме сè што требаше и сè што можевме. И јас сум разочаран и лут, и знам дека целиот наш народ така се чувствува. Затоа, гневот и тежината на граѓаните ги чувствувам како уште една лузна – рече Заев, заблагодарувајќи им се на европските лидери што се залагале Северна Македонија да добие датум.

Премиерот Заев рече дека одлуката за жал не може да се смени, но затоа упатувајќи повици за градење земја на рамноправни граѓани и националности која ќе цели кон ЕУ, повика на предвремени парламентарни избори на кои граѓаните ќе решат во кој правец ќе оди земјата во иднина.

„За мене лично, ова неисполнето ветување е исклучително лоша и неправедна постапка на Унијата, а истовремено и сериозна работа. Јас така ја толкувам и никако поинаку. Сепак, ние и тоа како сме одговорни за сопствените одлуки, кои ги носиме за нашите граѓани и за македонската иднина“, рече премиерот.

Тој додаде дека, поаѓајќи од неговите уверувања дека секој политичар мора да биде одговорен, чесен и доблесен, ја презема врз себе разочараноста на народот и одговорно излегува пред граѓаните.

„Се исправам пред вас, и јасно и одлучно порачувам“, рече Заев на прес-конференцијата: „Европскиот сон на македонскиот народ, и на Албанците, Србите, Власите, Турците, Ромите, Бошњаците и сите други кои живеат во нашата земја – нема да биде срушен.

Затоа неговиот предлог е: Организирање брзи предвремени избори. Избори најбрзо што може.

„Избори на кои вие граѓаните ќе донесете одлука и потврда за патот по кој треба да продолжи нашата земја. И токму ова ќе биде мојот предлог на утрешната лидерска средба кај претседателот Пендаровски. Организирање избори најбрзо што може, за граѓаните да кажат по кој пат да одиме натаму“, рече македонскиот премиер.

Тој рече дека изборот што ќе го прават граѓаните на предвремените парламентарни избори ќе биде „дали да одиме по вистинскиот пат на демократски и европски вредности, патот на развој и просперитет, патот што води напред?“, или „Да одиме по мрачниот пат на изолација, национализам, поделби и конфликти, односно патот што води назад?“

„Јас сум подготвен. Мојата партија е подготвена. Мојот тим е подготвен. Ние не паѓаме со духот и не се откажуваме поради одредено разочарување. Ние не се предаваме. Ќе се бориме храбро и пркосно“, рече Заев на попладневната прес-конференција во владата.

Тој додаде дека нема да дозволи некој да гази по веќе постигнатото.

„Сакам да истакнам дека сѐ што работевме во изминатите две и пол години, го работевме со љубов за доброто на татковината и за сите наши граѓани. Изгледаше невозможно, но се фативме за работа, носевме храбри одлуки да ги решиме најголемите проблеми. Тоа го направивме за нашите сограѓани, и за децата на нашата земја. Затоа, нема да дозволам било кој да ни ги поништи реформите кои ги направивме, да ни ја земе слободата која заедно ја донесовме во земјата и да си поигра со европските промени кои ги доживеа нашето општество. Нема да дозволам никој да ни го одземе членството во НАТО и да ни ја наруши безбедноста и стабилноста која ја добиваме станувајќи членка на НАТО“, рече Заев.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ДИК: Jавен увид и промени во избирачкиот список може да се прават до вечерва на полноќ

Апелираме до граѓаните дека јавниот увид во Избирачкиот список како и промена, запишување и бришење на податоци ќе може да се направи уште денес, 18 март, до 24 часот, соопшти...