fbpx

Француското „не“ ги стопи надежите на македонските граѓани

-

Француското категорично „НЕ“за проширувањето на ЕУ и недавањето датум за почеток на преговорите за Македонија и Албанија на Самитот на Европската Унија, ја одбележа оваа долга недела на неизвесност. Франција остана докрај доследна на ставот „Прво продлабочување на реформите во Унијата, а потоа проширување“, па и покрај тоа што мнозинството земји-членки го поддржаа отворањето пристапни преговори, нашата држава и Албанија на Самитот во Брисел не го добија толку посакуваниот „датум“. И покрај сите обиди на германската канцеларка Ангела Меркел да протурка одлука за почеток на преговори и паралелно воведување нова методологија, францускиот претседател Емануел Макрон не се помести од претходно декларираниот став. Макрон  уште на заедничката прес-конференција со Меркел во Тулуз (16.10.2019), порача дека ЕУ не е подготвена во  европската куќичка да кани нови „другарчиња”.

Ситуацијата некако многу наликува на онаа од Самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година, кога Македонија извиси за поканата за пристапување во Алијансата поради ветото на Грција. Само што овој пат на Самитот на ЕУ во Брисел, блокадата ја направи Франција.

Премиерот Заев беше оптимист речиси до последниот момент – кога веќе стана јасно дека дефинитивно извисивме за датумот. Три дена пред Самитот во Брисел, на 15.10.2019 г. премиерот изјави дека  верува до небото дека ќе добиеме датум. Веќе наредниот ден  (16.10.2019) од  панел дискусијата организирана од австрискиот институт „Карл-Ренер“ и фондацијата „Фридрих Еберт“ во Виена, Заев испрати драматична порака дека „нашата Влада ќе биде мртваако лидерите на ЕУ донесат негативна одлука за почеток на преговори, или ако повторно одлучат да ја одложат одлуката. Истиот ден премиерот отпатува во Брисел во последен обид да ги убеди лидерите на европските земји да дадат зелено светло за старт на преговорите. Оттаму, како што рече самиот уште еднаш „добронамерно да ги предупреди“.

По ваквиот развој на настаните, претседателот Стево Пендаровски денеска ѝ се обрати на нацијата и повика на единство и обединување.

Недавањето датум за почеток на преговорите на Северна Македонија и Албанија е историска грешка, порачаа и Доналд Туск, претседателот на Европскиот Совет и Жан Клод Јункер, претседател на Европската Комисија (во заминување), на попладневната прес-конференција во Брисел.

„Лично мислам дека ова е грешка и нема понатаму да коментирам“,  рече Туск и порача дека двете земји не смее да се откажуваат и оти верува дека еден ден ќе бидат полноправни членки на ЕУ.

И претседателот на Европската Комисија, Јункер рече дека Европскиот Совет направил грешка не доделувајќи датум.

Поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас на Твитер напиша: „некогаш европските вредности се посилни на Балканот отколку во Брисел“

И додека се чекаше одлуката на лидерите на ЕУ во Брисел  дали Македонија може да ги почне преговорите со Унијата – опозициските партии во земјава и од македонскиот (ВМРО-ДПМНЕ)  и од албанскиот блок (Алијанса за Албанците и Беса) побараа  предвремени парламентарни избори.

Иако за време на целата оваа „датумска сага“ од најголемата опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ, изјавуваа дека „Македонија треба да го добие датумот за почеток на преговорите, кој го има заслужено од 2009-та година до денес“, сепак партијата остави впечаток како цело време да навиваше да не се добие.

Синоќа лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски најави дека од денеска ќе излезе на улица со масовни протести на опозицијата.

Премиерот Заев, пак,  повеќепати кажа дека недобивањето на датум за преговори со Европската унија нема по автоматизам да предизвика брзи предвремени парламентарни избори.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ДИК: Jавен увид и промени во избирачкиот список може да се прават до вечерва на полноќ

Апелираме до граѓаните дека јавниот увид во Избирачкиот список како и промена, запишување и бришење на податоци ќе може да се направи уште денес, 18 март, до 24 часот, соопшти...