fbpx

Заев изрази поддршка за мерките за градење доверба меѓу Македонија и Грција

-

Мерките за градење доверба меѓу Македонија и Грција ги обединија во ставовите владата и опозицијата. Првиот човек на СДСМ, Зоран Заев, по средбата со шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕиас, изрази поддршка за иницијативата и за договорените мерки за градење доверба, за поголема соработка и за топење на мразот меѓу Македонија и Грција.

Според него, 11-те теми, конкретните мерки што беа наброени, како договор за двојно оданочување, отворање нов граничен премин, поинтензивна соработка во трговијата и во економијата, се добар почеток и би можеле наскоро да станат и многу повеќе.

Заев истакна дека дијалогот за овие теми, кои не се поврзани само со името, би создал поудобна ситуација и за политичарите, граѓаните, како и за бизнисмените и би помогнал да се унапреди соработката меѓу двете држави.

– Со години наназад упатуваме пораки да се отворат разговори на други полиња освен проблемот за името, кои би создале многу покомфорна ситуација и за политичарите, за граѓаните, како и за бизнисмените и за другите општествени чинители за унапредување на соработката меѓу двете земји, а во вакви околности и доволно храбро е да се повлечат чекори и да се најде решение на дологодишниот проблем кој Грција го има со нашето уставно име – истакна Заев, посочувајќи дека очекува практичната реализација на проектите од 11-те договорени теми да се види уште летово или есенва.

Првиот човек на СДСМ беше единствениот лидер на политичка партија со кого Коѕиас не се сретна во грчката амбасада, туку во хотелот „Холидеј ин“.

На новинарско прашање зошто не сакал средбата да биде во грчката амбасада, Заев истакна дека не сакале да дозволат само поради локацијата да се најдат на мета на напади, кои би го оттгнале фокусот од позитивните пораки и придобвки од грчка и од македонска страна за посетата на Коѕиас.

– Македонија е пренатрупана од секаков вид обвинувања преку перјаниците на власта во медиумскиот простор и не смееме да дозволиме да биде тоа најважната тема на денот. Важната тема треба да бидат позитивните пораки испратени од сите страни. Поради тоа баравме средбата да биде на неутрална страна за да ги отклониме можностите некој да го злоупотреби денот кој треба да е позитивен – истакна Заев.

Тој рече дека се добро познати позициите на СДСМ околу спорот за името и нивната волја за побргу да се дојде до решение, додавајќи дека партијата со години ја охрабрува Владата на Груевски да преземе похрабри чекори за решавање на спорот.

– Нашите позиции остануваат и се надевам дека во периодот кога Македонија ќе ги решава домашните проблеми, владеењето на правото, независност на медиумите, разделување на државата од партијата, ќе се охрабриме сите да преземеме чекори кои ќе нè заштитат мене, моите деца, вашите деца, да се чувствуваме и понатаму Македонци, дека нашите баби и дедовци биле Македонци, а секако помеѓу да се најде решение кое ќе ги отвори вратите на НАТО и ќе нè доведе до полноправно членство во ЕУ – изјави Заев.

М.П.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.