Фото: Принтскрин, Влада на РСМ

Премиерот Зоран Заев и министерот за здравство Венко Филипче денеска напладне го означија почетокот на нова кампања насловена „За моментите на среќа, вакцинирај се“. Како што посочи премиерот, целта на кампањата е преку точни и прецизни информации за вакцините да се спречат дезинформациите и да се зголеми процентот на имунизација на населението од ковид-19 што ќе придонесе кон стабилизирање на состојбата со пандемијата. Како што кажа министерот за здравство Венко Филипче, ова е состојба на криза и кај нас и насекаде во светот, а според него, пандемијата може да се надмине единствено со вакцината.

– Бројките на инфицирани се високи, болниците се полнат, расте бројот на хоспитализирани но и на оние кои ја губат битката со вирусот. Охрид, Битола, Гевгелија се градови во кои има висок процент на вакцинирани граѓани. Анализите укажуваат на висока смртност кај невакцинираните лица, а вакцината е во моментов најсилното оружје во борба со вирусот. Сите вакцини се безбедни, сите вакцини кои ги имаме се одобрени само ако успешно ги поминала сите фази од клиничките студии – рече Филипче.

Венко Филипче | Фото: Принтксрин, Влада на РСМ

Тој потенцира дека е свесен дека има различни ставови и дека може да разбере и дека одредени мерки наидуваат на негодување.

– Секоја мерка е насочена кон што побрза имунизација, па затоа бараме поддршка и разбирање во целиот процес. Ќе се бориме и против дезинформациите за вакцините. Целта е да ја испратиме вистинската информација. Бараме поддршка од сите лекари, јавни личности, авторитети, кои сакаат да ја пренесат пораката „Вакцинирај се“. Пандемијата донесе тага, не одалечи од луѓе што ги сакаме, ги испразни училиштните клупи, а сето тоа мора да го вратиме – додаде министерот.

Премиерот Зоран Заев кажа дека се наоѓаме во критична фаза наметната од мутациите на вирусот.

– Во врска со антиваксерското дезинформирање, укажуваме на потреба од масовно и точно информирање за вакцинирањето. Сите мора да разбереме дека вакцините се единствениот спас од тешки форми на болеста. Новиот пик и новиот делта сој потврдуваат дека најсуштинска мерка е масовната имунизација. Имаме преку еден милион и сто и шеесет илјади дози кои се аплицирани досега. Вакцините се безбедни и ефикасни, а само со комплетна вакцинација се спречува тешка форма на болеста. Топли прегратки и насмевки без маски, е она што на сите ни недостасуваат. Да ја прифатиме кампањата и да се отповикаме на повикот за масовна имунизација, за безгрижно детство во пресрет на новата учебна и академска година. Повикот е и да се вратат артистите на сцените, со аплаузи, во безбедни средини, без да се плашиме дека ќе се заразиме – рече Заев.

И тој повтори дека ситуацијата може да биде навистина критична во периодот кој следува, а состојбата е полоша во местата каде има мал број на вакцинирани лица.

– Оние граѓани кои со потешка клиничка слика се невакцинирани. Вакцината е безбедна, граѓаните немаат никакви компликации. Протестот е уставно загарантирано право, но исто такво е и правото на здравје. Мерките се ефикасни, а вакцинацијата е единствен начин да се бориме против вирусот. Кампањата има за цел да им го сврти вниманието на граѓаните, да се заштитат од лажни вести. Секој глас за вакцина е глас за спас на живот – кажа Заев.

Министерот Филипче информира дека околу 700 пациенти се хоспитализирани во моментов низ болниците во земјава. Најмногу има во Тетово, 110 пациенти, 90 во Гостивар, околу 35 во Струга, 40 во Кичево.