Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, денеска во Општина Струмица, одговарајќи на новинарско прашање за интервјуто на премиерот Никола Груевски, во кое тој политичката ситуација ја споредува со бокс-меч, рече дека најверојатно премиерот се кае поради тоа што не дал оставка, па затоа се претставува како боксер во некој ринг.
– Во рингот на Никола Груевски од една страна се тој и врхушката на власта, а од другата страна се сите граѓани на Република Македонија. Со сите овие криминални политики во изминатите 10 години, Никола Груевски ја нокаутираше Македонија. Нокаутот на Македонија го гледаме по сите овие повеќе од 600.000 граѓани што ја напуштија земјата, повеќе од 500.000 граѓани кои живеат под прагот на сиромaштијата, повеќе од една третина од фирмите со блокирани сметки, повеќе од 10.000 затворени фирми… Нокаутот на Никола Груевски го гледаме со сиромаштија на секој чекор, урнисаната економија – изјави Заев.
Тој, исто така, најави и дека на 13 декември СДСМ ќе ја усвои програмата за изборите, која се изработувала заедно со граѓаните од почетокот на март досега.
– Направивме еден прекрасен документ во кој гарантираме подобра, посреќна, економски попросперитетна Република Македонија. Ги препорачувам овие документи на граѓаните. Тие се нашиот збор, нашето ветување. Тоа е иднината, тоа е визијата на Македонија. Ќе имаат можност сите да ги осознаат идните чекори, кои ќе се преземаат во нашата Македонија по 24 април, кога ќе замине оваа злокобна власт – рече Заев.