Временските и климатски катастрофи кои ги погодија САД годинава чинат речиси 105 милијарди долари

Photo by John Middelkoop on Unsplash

Речиси 105 милијарди долари ги чинат Соединетите Американски Држави (САД) климатските промени, земајќи во предвид дека во првите девет месеци од годинава земјата ја погодиле 18 временски и климатски катастрофи, покажува извештајот на центарот при Националната управа за океани и атмосфера (NOAA), пренесува новинската агенција Анадолија. 

Просечното време меѓу таквите катастрофи со штета од милијарди долари паднале од 82 дена од 1980 година, на просечно 18 дена во последните пет години, а ова значи дека потребно е многу пократко време за да се создадат катастрофални настани и да се предизвикаат огромни материјални штети.

Ураганот Ида, кој го погоди североисточниот дел на земјата и државата Луизијана во август, беше регистриран како катастрофа што предизвика најголема штета оваа година со 64,5 милијарди долари.

Забележано е дека сушите и шумските пожари во западниот дел на земјата, силниот студ во Тексас и околните држави, како и ураганите, оваа година во просек чинеле дополнителни 18 милијарди долари.

Научниците предупредуваат дека со продолжувањето на климатските промени на планетата, ќе има пошироки и посериозни топлотни бранови, суши, пожари и урагански катастрофи.

САД во 2020 година била погодена од 22 временски катастрофи со штета од околу 100,4 милијарди долари.