Во Пробиштип започна постапка за санација на хидројаловиштето како една од жешките еко-точки

Од Општина Пробиштип соопштија дека во тек се измените на Генералниот урбанистички план на овој град, како и на двата детални урбанистички планови што се поврзани со хидројаловиштето, а кои треба да завршат до крајот на ноември годинава

Јаловишната депонија со тешки метали во Пробиштип; Фото: Мета.мк

Советот на Општина Пробиштип ја започна постапката, која во првата фаза предвидува санација на старото хидројаловиште кое е во атарот на градот и кое е една од жешките еколошки точки во земјава, јавува порталот СДК.мк. Од Општина Пробиштип соопштија дека во тек се измените на Генералниот урбанистички план на овој град, како и на двата детални урбанистички планови што се поврзани со хидројаловиштето, а кои треба да завршат до крајот на ноември годинава.

Откако ќе заврши измената на урбанистичката документација, потоа ќе се започне со санација на старото хидројаловиште. Во втората фаза се планира на тоа место на површина од неколку хектари да се изгради фотоволтаична централа, со која ќе се ползува сонцето како обновлив извор на енергија во производството на струја.

Мета.мк пред два месеца објави опсежна сторија за проблемот со старото хидројаловиште во Пробиштип, во кое депонирани се околу 12 милиони тони хидројаловина, односно околу 6 милиони метри кубни преполни со олово, кадмиум, цинк, жива, железо, бакар, арсен, ураниум и разни опасни хемикалии. Оваа жешка еколошка точка е лоцирана во самиот град, а ветувањето на општината е дека ќе се бара приватен инвеститор кој би инвестирал во санација на старото хидројаловиште, по што на оваа локација би изградил фотоволтаична централа.

Според изготвениот основен проект од Министерството за животна средина и просторно планирање во 2010 година, за санација на старото хидројаловиште се потребни околу 4,2 милиони евра. Со овие средства би се извршила неопходна ремедијација, односно спроведување на мерки за санација на косините на јаловиштето, затрупување на самото јаловиште со слој од земја и засадување на вегетација за спречување од појава на прашина.

Инаку, старото хидројаловиште во Пробиштип во моментов не е целосно оградено, што овозможува влез на животни и луѓе на оваа локација. Страшни последици предизвикува ветерот, кој во зависност од неговиот правец, ја шири прашината од тешки метали кон градот или кон другите населени места. При врнежи, водата од јаловишниот рид се влива директно во Киселичка река и ги загадува речните води, поради тоа што оваа река минува покрај самото хидројаловиште.

Преку проект на Меѓународната агенција за соработка на Јапонија со македонската влада што бил спроведен во 2008 година, било извршено испитување на почвите, подземните и речните води, но и присуството на метали во земјоделските култури што се одгледуваат. Уште тогаш констатирано е дека јаловиштето има тешки последици врз животната средина, односно дека научно е докажано загадувањето на почвите, водите, па дури и земјоделските култури што се одгледуваат, со некои од тешките метали кои се лоцирани на оваа жешка еколошка точка.

Жителите на Пробиштип со децении живеат со тешки отровни метали пред нивните домови [галерија]