Во МСУ се отвора изложбата „Дефрагментација“ за одбележување 60 години од Скопскиот земјотрес

Во Музејот на современата уметност вечерва во 20 часот ќе биде отворена изложбата „Дефрагментација“ со дела од колекцијата на музејот, подарени од уметници од Чешка, Унгарија, Полска и Словачка. Ќе бидат изложени 96 дела од 86 уметници

Илустрација: МСУ-Скопје

Во Музејот на современата уметност – Скопје (МСУ) вечерва во 20 часот ќе биде отворена изложбата „Дефрагментација“ со дела од колекцијата на музејот, подарени од уметници од Чешка, Унгарија, Полска и Словачка. Ќе бидат изложени 96 дела од 86 уметници.

Изложбата е резултат на заедничката соработка на амбасадите на земјите од Вишеградската група и Музејот на современа уметност – Скопје. Куратори на изложбата се Владимир Јанчевски и Благоја Варошанец.

Изложбата ќе биде отворена до 15 септември 2023 година.

На оваа изложба која претставува и одбележување на 60-годишнината од скопскиот земјотрес ќе биде претставен избор од слики, скулптури и графики, кои се создавани во текот на 20. век, поточно во периодот од 1905 до 1989 година и претставуваат репрезентативен преглед на достигнувањата во уметноста на повеќе генерации уметници од земјите од Централна Европа.

Како што велат и самите куратори, изложбата е потсетување на светската солидарност.

„После подолго време пошироката јавност ќе има прилика да види некои од значајните дела од колекцијата на МСУ-Скопје, заедно со архивски материјали, кои се однесуваат на изложби и донациите. Kонцептот за солидарност на кој се темели МСУ е особено важен денес, во време на воени судири кои го обременуваат нашето секојдневие во современиот свет. Затоа, сметаме дека е многу важно постојаното потсетување за важноста на меѓународната соработка, која е основа за унапредување на општествената сфера и справување со заедничките предизвици“, потенцираат Јанчевски и Варошанец.

Во колекцијата на МСУ Скопје се чуваат вкупно 5.291 дела, помеѓу кои и 22 дела од 11 уметници од Словачка, 56 дела од 27 уметници од Унгарија, 266 дела од 105 уметници Чешка и 224 дела од 136 уметници од Полска.

Веднаш по веста за земјотресот во Скопје во 1963 година, голем број уметници од целиот свет во знак на солидарност подарија дела на градот Скопје и новоформираниот Музеј на современата уметност.