fbpx

Во МНР изложба за одбележување на 30 години членство на Македонија во ОН

На настанот присуствуваа дипломатскиот кор во Северна Македонија, како и претставници на државните институции

-

Во Министерството за надворешни работи денеска се отвори изложба, по повод 30-тата годишнина од членството на Република Северна Македонија во Обединетите Нации, која годинава ќе се одбележи на 8 април. Настанот беше во коорганизација со Државниот архив на Република Северна Македонија, во соработка со Националниот Координатор на ОН во Скопје.

Заменик министерката за надворешни работи Фатмире Исаки ја истакна важноста од членството на земјата во семејството на Обединетите нации и воедно рече дека Северна Македонија докажала дека со дипломатија и дијалог, со разбирање, толеранција и по пат на компромис, можат да се решат и најтешките прашања и да се придобијат нови пријатели и сојузници.

„Од прифаќањето на првата превентивна мисија на ОН до претседавањето со ОБСЕ, изминат е долг и мачен пат, исполнет со неизвесности и предизвици, но и со моменти на гордост и признанија. За сето време, не одржа пред се вербата во самите себе, вербата во нашите граѓани, во нашето право да постоиме и опстоиме. Верувавме и во принципите содржани во Повелбата на ОН и во неопходноста од дијалог, соработка и компромиси во решавањето на отворените прашања“, истакна Исаки.

Директорот на Државниот архив на Република Северна Македонија, Емил Крстески рече дека јубилејот беше поттик за Министерството за надворешни работи и Државниот архив заеднички да бидат носители на проектот-изложба, која денеска се презентираше, а сведочи за едни бурни времиња за кои младите генерации треба да знаат.

„Самиот прием во светската организација не е одненадеж, напротив има сопствен развој на дипломатски и државнички активности. Авторите на изложбата ќе ве поведат низ патување во времето, во моментот кога Генералното собрание на Обединетите нации со акламација ја прифати нашата држава за 181. полноправна членка на Светската организација. Документите се основен извор на минатото, но исто така и усните сеќавања на современиците на настаните се извонредно значајни”, истакна Крстески.

Пред гостите се обрати и Росана Дуџак, постојан Координатор на ОН во Скопје, која подвлече дека во светот кој континуирано ни создава предизвици на секој фронт, мултилатерализмот е под постојан тест. Но и дека покрај сите предизвици со кои се соочи, во сите донесени одлуки, без разлика колку е тешко и предизвикувачко, Северна Македонија никогаш не ја оспори важноста на заедничката работа и тоа е нешто што мора да се препознае и да се слави.

„Затоа денеска, исто така, сакам да оддадам признание за активното учество на земјата во сите меѓународни тела, во сите комисии, во сите дискусии и во сите процеси на Обединетите нации. Северна Македонија континуирано демонстрира посветеност кон Агендата 2030, и покрај сите предизвици со кои се соочува. Земјата го финализираше својот прв доброволен национален преглед во 2020 година за да го следи напредокот постигнат кон Агендата 2030, во многу тежок контекст, на самиот почеток на пандемијата на Ковид-19” додаде Дуџак.

На настанот присуствуваше дипломатскиот кор во Северна Македонија, како и претставници на државните институции.

Изложбата ќе биде отворена за посетителите во следните две недели во Музејот на македонската борба за самостојност.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Погрешно се тврди дека еден од осомничените за нападот во Москва е чеченскиот милитант Ажиев

Човекот на фотографијата, кој од страна на руските власти беше идентификуван, приведен и изведен пред суд како осомничен за терористичкиот напад во Москва, е Далерџон Мирзоев, државјанин на Таџикистан...