Вратените штркови во скопско Ржаничино добија метални гнезда за да можат да создадат семејства

фото: Здружение за заштита на животните „Анима Мунди“

Штрковите кои од топлите краишта се вратиле во скопското село Ржаничино сега повторно можат да свијат гнездо и да создадат семејства благодарение на неодамна поставените метални гнезда, информираа од Здружението за заштита на животни „Анима Мунди“.

Од таму објаснуваат дека пред една седмица жители на ова село им се обратиле за помош, известувајќи дека штрковите што сега се вратиле во селото се оневозможени да свијат гнезда поради замена на старите бандери со нови бетонски столбови.

Од здружението појаснуваат дека, откако биле запознаени со проблемот, за истиот се обратиле и до ЕВН со барање за интервенција за да се заштитат штрковите.

„Стануваше збор за неколку пара од овие птици преселници, кои се вратија во родниот крај за да создадат подмладок, но на новите бандери немаа како да свијат гнезда. Се обративме во ЕВН и побаравме нивна интервенција за да се заштитат, да се избегне нарушување на нивната биолошката динамика и избегнат низа опасности по птиците, особено малите штркови“, велат од „Анима Мунди“.

Здружението информира дека на барањето им било одговорено веднаш, а веќе по неколку дена проблемот бил решен.

По поставувањето на металните гнезда на сите посочени локации, според „Анима Мунди“, штрковите веднаш слетале на своите стари локации за да прават нови гнезда.

„Оваа вест е важна за да ја охрабриме хуманоста секогаш и секаде, кон секое живо суштество, а воедно и да ја поттикнеме и засилиме општествената одговорност кон животните“, велат од здружението.