Фото: Арбнора Мемети

Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 1.296 и во моментов има 175 празни болнички кревети во ковид центрите, информираат од Министерството за здравство.

Оттаму додаваат дека во текот на денот се прават и исписи на оздравени пациенти, со што ќе се ослободат дополнителни легла.

„Сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород. И покрај големиот наплив на пациенти во изминативе десетина дена, Министерството за здравство е во постојан контакт со сите болници и доколку има потреба, капацитетите на ковид одделенијата ќе бидат дополнително проширени“ велат од ресорното министерство.

По извештаите на болниците кои пристигнуваат во Министерството за здравство на дневна основа, во изминатите 24 часа во ковид центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 816 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот.

Во болницата во Битола се хоспитализирани 75 пациенти позитивни и суспектни на ковид-19. Во болницата во Штип се хоспитализирани 58 пациенти. На инфективното одделение во Тетово има 49 пациенти, во Велес се лекуваат 60 болни, а во Куманово 112 пациенти позитивни и суспектни на ковид-19. Во ковид центарот во Охрид има хоспитализирано 95 пациенти, во Прилеп 120, во ковид центарот во Гостивар 75, а во Струга 32 болни. Во болницата во Струмица лежат 56 пациенти, во Кочани 13, во Кичево 20, Кавадарци 36, а во Гевгелија 15 лица позитивни на корона вирусот.

Во ковид центрите во главниот град пак, во изминативе 24 часа хоспитализрани се 38 нови пациенти поради компликации од корона вирусот. Вкупно 480 лица сомнителни и потврдени за ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во Скопје.

„И покрај големиот број на приеми во текот на вчерашниот ден, утрово до 8 часот имало 40 тина слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места и на Клиниката за инфективни болести и во ГОБ 8 Септември“ информираат од Министерството за здравство.

Во последното деноноќие, на интерните клиники имало вкупно 22 приеми и тоа три пациенти биле хоспитализирани на Институтот за белодробни заболувања и ТБЦ, еден во ковид центарот на Клиниката за неврологија, шестмина болни се хоспитализирани на Клиниката за дерматовенерологија, двајца пациенти на Клиниката за нефрологија, седум во новиот центар на Клиниката за уво, нос и грло и тројца болни на Клиниката за очни болести. Во ковид центарот во ГОБ 8 Септември имало 11 нови приеми на пациенти, а на Инфективната клиника се примени 5 нови болни во текот на вчерашниот ден.

Во моментов на Кожната клиника во ковид центарот се лекуваат 24 пациенти, на Клиниката за неврологија 35 болни, а на Институтот за ТБЦ се примени вкупно 44 пациенти со симптоми на корона вирусот, на Клиниката за Гастроентерохепатологија се лекуваат вкупно 26 лица, во ковид центарот на Клиниката за нефрологија во моментов се сместени 24 пациенти, а на Клиниката за очни болести 14 пациенти. Во ковид центарот на Клиниката за уво, нос и грло има 19 пациенти.

Во ГОБ 8 Септември има вкупно 106 болни, на Клиниката за инфективни болести лежат 153 пациенти, додека во Институтот за белодробни заболувања кај деца Козле има 35 пациенти, од кои 9 деца и 24 возрасни.

Во изминатите 24 часа дома се пуштени 16 оздравени пациенти.