„Секоја партија која носи одлука за формирање коалиција без партијата што добила најмногу гласови и најголема поддршка од народот на изборите, треба да знае дека во исто време носи одлука да се соочува со проблеми во иднина, својствени на ситуации кога се игнорира волјата на мнозинството граѓани“. Ова е ставот што лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, го соопштил на денешната средба со амбасадорката на Мисијата на ОБСЕ во земјава, Нина Суомалаинен, на прашањето дали доколку СДСМ формира влада, таа ќе биде прифатлива за ВМРО-ДПМНЕ.

Во соопштението на партијата, кое повторно изобилува со детали од средбата, се наведува дека на забелешката дека постојат држави каде се случува победничката партија да не влезе во владејачката коалиција, од ВМРО-ДПМНЕ било одговорено дека во изминатите повеќе од десет години „однатре и однадвор беше постојано потенцирано дека Македонија е многу различен случај, која ја има спецификата на мултиетничост и дека во таква ситуација исклучително е важно победникот кај македонските гласачи и победникот кај албанските гласачи секогаш да коалицираат“.

„Сега, кога ВМРО-ДПМНЕ е победник, и однатре и однадвор се заборава тој принцип. Сите треба да знаат дека ако еднаш се прекрши тој принцип, истото ќе стане неповратлив процес. Затоа што не може тој принцип да важи по потреба, само кога некому друг му одговара. Доколку сега се отстапи од тој принцип, секој еден кој во иднина, кога ќе се сменат околностите, ќе помисли да дојде и повторно да се обиде да нè убедува да го воспоставуваме тој принцип, треба да знае дека без дискусија ќе биде избркан од штабот на партијата, а партијата ќе коалицира со кого ќе оцени дека е најдобро за самата партија и за земјата, како што е и во другите држави“, стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ за средбата.

Средбата, како што нагласуваат од партијата, била на барање на амбасадорката, а на неа Груевски бил придружуван од партиските соработници Владимир Ѓорчев, Александар Николовски и Никола Попоски.

Во врска со формирањето на владина коалиција, од ВМРО-ДПМНЕ посочиле дека состојбата во земјава е зрела за одржување на нови предвремени парламентарни избори поради тесната разлика меѓу двете партии што освоиле најмногу мандати. Тие, според партијата, би било најдобор да се одржат заедно со локалните, во првата половина на мај, но „тоа би можело да се дискутира помеѓу партиите доколку има политичка волја, а не страв и одбивање како што демонстрираше СДСМ“.

Околу барањата за промени во делот на употребата на јазиците, лидерот на партијата и неговите соработници одговориле дека ВМРО-ДПМНЕ не се согласува со спроведување на принципот на двојазичност на целата територија на Република Македонија, „не затоа што е против албанскиот јазик или Албанците во Македонија, туку затоа што тоа не би било одраз на демографската реалност во Македонија“.