Опозициските партии најавуваат амандмани на нацрт-законот за игрите на среќа, Министерството за финансии не е заинтересирано да ја информира јавноста за текот на законот, додека Движењето за борба против коцкање ги потсетува пратениците да прифатат нивните барања истакнати за време на протестот од 21 декември минатата година во Тетово, кој освен од граѓаните беше масовно поддржан и од верски заедници, но и од локалните власти, пишува  „Порталб.мк“.

Министерството за финансии веќе една недела не им одговора на прашањата во која фаза е Предлог-законот за игрите на среќа, дали има некоја промена од првата верзија и дали ќе се промени на оддалеченоста на казината и објектите за игри на среќа од образовните институции, повеќе од сегашната верзија, односно 500 метри.

Движењето против коцкањето, денес на прес-конференција ги потсети централните власти на нивните барања.

1. Сите објекти на игри на среќа (казина, спортски обложувалници и сите слични игри на среќа) да се оддалечат 3 км од населбите.
2. Распределба на 5% од буџет што доаѓа од игрите на среќа за поправка на објекти од јавен интерес (училишта, градинки, библиотеки, болници како и здруженија и центри кои организираат активности за рехабилитација на зависници од игрите на среќа.
3. Развивање на национална стратегија за едукација на учениците, студентите и сите граѓани за штетите што ги предизвикува коцкањето.

Иако Министерот за финансии, Драган Тевдовски, рече дека ќе ги анализира овие барања, сепак до сега Министерството не реагираше.

Во однос на предлозите од Либералната партија, но и од граѓаните за примена на законот како и во Албанија, според кој, од 2019 година се стави клучот на сите казина и обложувалници, власта има резерви.

Како што изјави премиерот Зоран Заев, оваа мерка е радикална, истакнувајќи го податокот дека оваа активност се вработени околу 6.000 граѓани и дека тие ќе останат без работа.

Ваквата изјава на премиерот, според Движењето е неодговорна.

Албанските опозициски партии најавуваат амандмани, владејачката партија молчи
иако потпретседателката на ДУИ, Теута Арифи, учествуваше на протестот на 21 декември.

“Во моментов сме во процес на подготовка на амандмани и разгледување на формите за тоа како може да се регулира оваа појава, што предизвикува сериозни последици за семејствата на граѓаните. Ги разгледуваме различните начини, од целосно затворање до оддалечување на локациите за игри на среќа од населените места, училиштата, универзитетите, студентски центри и така натаму. Исто така, во овој период, како основа за регулирање на игрите на среќа ги земаме искуствата од развиените земји, вклучувајќи го и моделот на Албанија кој го спроведува владата на премиерот Еди Рама од 1 јануари оваа година, што е се чини дека дава резултати. Во моментот кога ќе ја имаме конечната верзија на амандманите и законот, ќе ја објавиме за јавноста”, рече Орхан Муртезани од БЕСА на Африм Гаши.

Од БЕСА на Билал Касам, велат дека формирале работна група за ова прашање, но дека во иднина ќе бараат “поддршка за усвојување на закон што ќе и рече стоп на оваа појава”.

И од Алијансата за Албанците “веруваат” дека ќе имаат амандмани за овој закон, но сега се фокусирани на уставните измени.

Инаку, неколку пати граѓаните на Тетово и некои општини во Скопје протестираа против казината и обложуваниците во близина на образовните објекти. Со новиот предлог-закон се очекува истите да се оддалечат на растојание од 500 метри, но ова, според граѓаните, се уште не е доволно.