Владата на денешната седница го усвоила предлогот на Министерството за информатичко општество и администрација на веб-страниците на министерствата и на другите органи на државната управа да бидат објавени листа на акти и на материјали што министерствата согласно закон се обврзани да ги објават и навремено да ги ажурираат.
Станува збор за список од 21 документ, што во наредните 15 дена треба да бидат објавени на веб-страниците, информираше министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски.
– Анализите спроведени во 2016 година, покажуваат дека во поглед на отвореноста на извршната власт, Македонија е на последно место во регионот со исполнување на само 36 отсто од индикаторите во истражувањата. Имајќи ја во предвид целта на Владата за транспарентност и за отчетност во своето работење, се наметна потребата да се преземат конкретни мерки и активности за подобрување на оваа затекната состојба – рече Манчевски.
Помеѓу документите се буџетите, ревизорски извештаи, планови за јавни набавки, правилници за систематизација, списоци на лица вработени во институцијата со позиција, службен е-маил и службен телефон, консолидирани текстови од закони и подзаконски акти во надлежност на секое министерство, листа на информации од јавен карактер, биографии и најави на месечни настани или интернет-календар.