fbpx

Владата на средба со „Бехтел-Енка“, ветуваат дека автопатите ќе ги градат локални компании

-

Премиерот Зоран Заев во придружба на министри и директорот на ЈП за државни патишта, Ејуп Рустеми денеска остварија средба со делегација на меѓународниот конзорциум „Бехтел-Енка“, којашто ја предводеше претседателот на единицата за инфраструктура на американската компанија „Бехтел“ Шон Кени, информираат од владината прес-служба.

На состанокот се разговарало за актуелната фаза за реализација на Меморандумот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8, за делницата Тетово – Гостивар – Букојчани и за проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан, како и за Коридорот 10 Д, односно за автопатот Прилеп – Битола.

Владата веќе го потпиша Меморандумот за изградба на овие автопати со „Бехтел-Енка“, додека Собранието го донесе Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање стратешки партнер за имплементација на проектот.

Од Владата велат дека додека трае постапката за добивање мислење од Уставниот суд, кое го побара Државната комисија за спречување на корупцијата, во интерес на времето, постојат одредби од меморандумот кои овозможуваат работа и прецизирање на нацрт-договорот, кој треба да биде одобрен од двете страни за да се затвори правната постапка којашто ќе овозможи реализација на предвидените инфраструктурни проекти.

На состанокот било споделено дека во соседна Албанија веќе се при крај постапките за проектните документи за патните и железничките правци од Коридорот 8, со што овој европски коридор ја добива својата завршна физиономија за поврзување на Црното со Јадранското Море.

На средбата со менаџментот на „Бехтел-Енка“, премиерот Заев го поздравил фактот за највисоките признанија за овој конзорциум во остварувањето на инфраструктурните проекти во светот и особено во регионот, како и фактот дека дури 80 отсто од работите компанијата ги изведува со локални компании, што е од посебна важност за дополнително раздвижување на домашната економија и градежниот сектор.

Вицепремиерот Артан Груби рекол дека изградбата на автопатите на Коридорите 8 и 10д директно го засега квалитетот на животот на граѓаните и има влијание врз економијата на земјата.

Артан Груби смета дека Коридорот 8 претставува добра можност за Република Северна Македонија, и од политички аспект, бидејќи ќе овозможи земјата да добие нова геополитичка тежина како мост помеѓу балканските земји.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

Изборите во Македонија беа добро организирани, но имаше остра реторика, а недостига и регулација во сферата на онлајн порталите. Ова е генерално оценката на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР и на...