Промоција на самоводечка, велосипедска прошетка „Скриените музеи во Скопје“

Фото: Здружение на граѓани „Одржливи иницијативи“

Промоција на самоводечка, велосипедска прошетка „Скриените музеи во Скопје“ со аудио-напатствија за движење до повидливи културни локалитети во Скопје и околината, ќе се случи на 2 октомври (сабота), со почеток во 10 часот во организација на Здружението на граѓани „Одржливи иницијативи“.

Промоцијата ќе се изврши на две различни рути, една во централното градско подрачје во должина од пет километри, а друга во периферијата на Скопје во должина од 35 километри.

„Скопје има музеи и значајни културни локации кои јавноста не ги забележува. Или, што е уште по интересно, многу луѓе слушнале за нив, но немале прилика да ги видат или не знаат каде се наоѓаат, како пример за Римскиот аквадукт,“ вели Мери Бакалова од „Одржливи иницијативи“.

Бојан Ранташа, советник за рурален развој и туризам вели дека најголемиот предизвик бил, за време на поврзувањето на рутите велосипедистите да не се изложени на непотребна опасност од моторни возила.

„При тоа внимававме движењето да се одвивиа пред се по велосипедски патеки, но за некои делови, едноставно моравме да вклучиме движење по коловоз, или движење по земјени патишта бидејќи тие делови не се поврзани со велосипедска патека. Сепак, внимававме фреквенцијата на возила да е што е можно најмала, а напатствијата ги информираат корисниците за сите карактеристики на рутата за да можат да проценат дали е таа соодветна за нив,“ објаснува Ранташа.

Посетителите со помош на напатствијата ќе може да ги посетат: Меморијалниот музеј на илегалните работилници за изработување на оружје за време на НОВ 1941-1944 во Скопје; Куќата на Лазар Личеновски (од надвор); Музејот на МНТ; Музејот на старата скопска чаршија; Споменик музејот на Народноослободителната војна и револуцијата; МАНУ; Скупи; Римскиот аквадукт; Дендро паркот; и Ботаничката градина.

Напатствијата ќе бидат достапни и бесплатни за користење по промотивниот настан, а се изготвени на македонски и на англиски јазик.

Настанот се организира во согласнот важечките анти-ковид мерки и протоколи, а тие кои сакаат да учествуваат на промотивната прошетка треба да се пријават преку порака на Фејсбук профилот на одржливи иницијативи или на [email protected].