Фактите говорат дека ниедна авторизирана вакцина против ковид-19 не содржи жив вирус кој предизвикува ковид-19. Така што вакцината не може да ве зарази со ковид-19. Симптомите кои се јавуваат после вакцинација се краткотрајни и се доказ за градењето на имунолошки одговор, а имунитетот не се создава инстантно, туку во период за неколку недели после втората доза. Во тој меѓупериод е можно да се заразите со ковид-19, но од самиот вирус кој би предизвикал инфекција, а не од вакцината, пишува „Вистиномер“.
Текстот подолу го пренесуваме во целост:
Рецензираме пост на Фејсбук, во кој е изнесено анонимно наводно лично „искуство“, а коешто медицински и научно е неточно.
Во постот се вели:
Јас и мојот сопруг, со две дози Синовак. После две недели од вакцината инфицирани со тешки симптоми. Јас едвај преживеав. А сто проценти сум сигурна дека се инфициравме од вакцините.
Ова тврдење е лажно.
Од вакцините не може да се инфицирате од коронавирусот. Тоа е објавено на официјалната страница за вакцинација во земјава.
Вакцината не содржи никаков жив или активен дел од вирусот ковид-19. Нема да предизвика позитивен тест со кој се тестира активна инфекција со ковид-19. Некои луѓе кои примиле вакцина пријавиле лесни до умерени несакани ефекти, вклучувајќи болка на местото на инјектирање, замор, главоболка и болка во мускулите. Не секој добива несакани ефекти. Но, ако добие, тие се нормални и знак дека вашето тело ја гради својата одбрана од вирусот, пишува на страницата за вакцинација во Северна Македонија во делот митови и фкти за вакцините.
И Центарот за контрола и спречување болести на САД (ЦДЦ), тврдењето дека вакцината против ковид-19 ќе ве разболи од ковид-19, го карактеризира како мит.
Фактите се дека ниедна авторизирана вакцина против ковид-19 во САД не содржи жив вирус кој предизвикува ковид-19. Вакцината поради тоа не може да ве зарази со ковид-19, пишува на страницата на ЦДЦ.
Ковид вакцините го учат имуниот систем да го препознае и да се бори против вирусот кој предизвикува ковид 19. Понекогаш овој процес може да предизвика симптоми, како температура. Овие симптоми се нормални и се знак дека телото гради заштита против вирусот кој го предизвикува ковид 19.
Во постот е изнесено тврдење дека заразувањето на двете личности било две недели после вакцинацијата, и дека се работело за вакцина „Синовак“.
Имунитетот од различни вакцини против ковид-19 се создава од две до шест недели после втората примена доза. Во случајот на „Фајзер“, треба да поминат три недели после втората доза, а во случајот на кинеските вакцини шест недели после втората доза за телото да изгради имунитет. Затоа експертите за сите препорачуваат да се однесуваат во овој меѓупериод како да не се вакцинирани, во смисла на тоа да ги применуваат општите препораки и заштитни социјални мерки за превенција од ковид-19. Освен тоа, вакцината не е гаранција за заштита од инфекција, ама нуди прилично висока заштита во поглед на исходот од лекувањето и спречувањето на смртен исход и хоспитализации.
Поради сите горенаведени факти оценуваме дека не е вистина дека од вакцината против ковид-19 може да се заразите од вирусот. Симптомите кои се јавуваат после вакцинација се краткотрајни и се доказ за градењето на имунолошки одговор, а имунитетот не се создава инстантно, туку во период за неколку недели после втората доза. Во тој меѓупериод е можно да се заразите со ковид-19, од самиот вирус кој би предизвикал инфекција, а не од вакцината, пишува „Вистиномер“.