Врз база на стара и нерелeвантна студија, претставена како нова, на Фејсбук група е пласирана невистинита објава дека лекот Ивермектин предизвикува неплодност кај огромно мнозинство од машката популација, пишува „Вистиномер“.
Текстот подолу го пренесуваме во целост:
Рецензираме објава на Фејсбук придружувана од текст, во кој што невистинито се тврди дека лекот Ивермектин предизвикува неплодност кај 85 проценти од мажите. Лекот Ивермектин во земјава е донесен со интервентен увоз. Од Министерството за здравство информираа дека стручна комисија формирана од министерот за здравство изготвила мислењето за лекот Ивермектин и истото е испратено до комисијата во МАЛМЕД (Агенција за храна и лекови).
Етаблиран лек со широк спектар на дејство
За третирање на онкоцеријаза кај луѓе првпат е употребен во 1987. Во последните три децении, овој лек е препишан во 3,7 милијарди дози низ целиот свет со никакви или незначителни несакани ефекти. Се користи и за елиминирање на вошки на главата. Достапен е во повеќе форми – но за луѓето е дозволена само орална употреба. Во последните неколку децении ивермектин се покажал мошне ефикасен ин витро и против низа вируси како што се ХИВ, денга, западно-нилски вирус и други РНК и ДНК вируси. Ивермектинот е докажано безбеден лек. Сите досегашни студии за Ивермектин против COVID19 покажале дека е безбеден и ниту една од студиите спроведени досега не покажала неефективност. Напротив, сите имаат извонредно позитивни резултати. Ивермектинот е влезен во протоколот за лекување на пациентите со ковид 19 којшто е усвоен од стручниот колегиум на ЈЗУ Универзитетска клиника за пулмологија и алергологија и ковид 19 центри во „интернистичкиот блок“, рекоа од МЗ за лекот.
Несаканите ефекти од Ивермектин вклучуваат исфрлање на телото, повраќање, дијареа, болка во стомакот, оток на жлездите или лицето, конфузија, конвулзии, нагло опаѓање на крвниот притисок.
Точно е изнесеното во текстот што го рецензираме, дека во САД не се препорачува Ивермектин за ковид 19 наспроти препораките во нашата земја. Ивермектин е многу евтин лек, се продава во аптеките во Македонија за околу 300 денари.
Стара студија претставена како нова
Меѓутоа, наспроти изнесеното во текстот кој го рецензираме, студијата што се посочува не е нова, туку стара, од 2011 година.
Студијата може да ја погледнете на следниот линк.
Во неа испитани се 37 луѓе од Нигерија, но толку мал број испитаници не е доказ дека Ивермектин предизвикува неплодност кај мажите, па дури кај 85 проценти како што се тврди во постот кој го рецензираме.
Студијата е со авторство на студенти од Нигерија. Во неа се евалуирала спермата на 37 пациенти дијагностицирани со онкоцерцијаза.
Авторите ја евалуирале спермата на испитаниците пред и по 11 месечниот третман со Ивермектин, кој често се користи за лекување на онкоцерцијаза. Меѓу нивните заклучоци напишале дека пронашле значително намалување на подвижноста и на бројот на спертматозоиди кај тестираните пациенти.
Епидемиологот Гидеон Мејеровиц Кац од Универзитетот Волонгонг во Австралија на Твитер ги поби наводите во ова истражување. Тој нотираше дека станува збор за мало истражување од пред една деценија кое исклучува 90 проценти од партиципантите, зашто нивната сперма била од преслаб квалитет за испитување. Тоа само по себе значи дека невозможно е да носите било какви заклучоци, напиша тој.
Американската агенција за лекови го има одобрено Ивермектин за третирање на паразити кај луѓе и животни.
Поради фактот што Американската агенција за лекови не наведува дека несакан ефект од Ивермектин е неплодност и тоа не е влезено во официјалното упатство за употреба, поради тоа што лекот е администриран во милионски дози во текот на повеќе од 4 децении, а не се пријавени такви несакани ефекти, како и поради фактот што студијата е направена на исклучително мал и нерепрезентативен примерок, оценуваме дека не е вистина дека Ивермектин предизвикува неплодност кај 85 проценти од мажите, пишува „Вистиномер“.