Царовска: Дигиталните материјали за учење се целосно во согласност со законските прописи

Мила Царовска, министерка за образование и наука | Фото: Мета.мк

Законска основа за воведување на дигитални материјали за учење има, рече министерката за образование и наука Мила Царовска во вечерашното гостување во емисијата „360. степени“, одговарајќи на прашањето дали има законска основа за воведување на дигитални материјали за учење согласно новата Концепција.

„Воопшто не мора да чекаме да завршат изборите, ниту да замине оваа власт. Сите институции од правосудниот систем денеска може да дојдат да ги побараат сите информации од МОН и БРО и да видиме кои се шпекулациите кои Александар Николовски од ВМРО ДПМНЕ ги изнесува во јавност“, рече Царовска.

Министерката посочи дека дигиталните учебници се дигитални материјали за учење и тие се во согласност со позитивните законски прописи коишто денеска се на сила. Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образование и наука ги подготвија и тие се во интерес на учениците и се спуштени во настава.

Министерката посочи дека материјалите за учење постојат и тие се спуштаат во настава за предмети за коишто нема учебник.

,,Новиот закон за учебници е предложен не само да се воспостават дигитални учебници, туку и за да можеме да ги прекинеме голем дел од оние ексклузивни штетни договори со издавачите за учебниците кои што со години постојат. Целта е да направиме  либерализација на пазарот на учебници и да понудиме квалитетни учебници на  учениците’’, рече Царовска.