fbpx

(Видео) Бегалски маки: За храна, тоалет и за доктор – два часа, за Македонија – со денови!

-

Во очајна ситуација, без елементарни услови за живот, легнати во тенки шатори на земја, во нивите околу Идомени повеќе од 14.000 бегалци од Сирија и од Ирак ја чекаат денешната одлука на европските лидери, кои во Брисел одлучуваат дали ќе се „запечати“ балканската рута и што ќе се случува со илјадниците бегалци што чекаат на Идомени.

Иако условите во кампот се страшни – нема доволно храна, вода, тоалети и места за спиење – бегалците сепак не сакаат да се преместат во прифатните центри низ Грција туку чекаат да се отвори границата и да го продолжат своето патување кон Германија, Австрија и Шведска.

Како што забележа екипата на „Мета“, во кампот насекаде има редици. Секој за нешто чека. За храна – два часа, за вода – два часа, за тоалет или за доктор – исто. За Македонија – со денови.

Кемал, 23-годишен студент по право од Дамаск, вели дека иако условите во кампот се неподносливи, тој ќе остане сè додека не се отвoри границата, а се надева дека таква одлука ќе биде донесена на денешниот самит во Брисел.

– Од Сирија сум и тука сум веќе четири дена. Ситуацијата во кампот е многу лоша и само чекаме границата да се отвори. Сакам да одам во Германија, таму имам дел од семејството и пријатели. Од Дамаск до тука патот ме чинеше околу 3.000 долари. Имам 23 години и во Сирија бев студент по право на Универзитетот во Дамаск. Ситуацијата таму е многу лоша, има многу крв, многу луѓе умираат, цело време се бомбардира. Сè што е лошо го има во Сирија. Во овој мал шатор спиеме јас, брат ми и другар ми. Храна не добивам, туку купувам затоа што редот за храната е многу долг, за еден сендивич се чека и по два часа, исто и за вода. Четири дена не сум се истуширал. Го чекаме понеделник и самитот на лидерите и се надевам дека ќе одлучат да ја отворат границата за да може да продолжиме со патувањето – вели Кемал.

Бабар Балох, портпарол на УНХЦР, за „Мета“ вели дека кампот Идомени не овозможува соодветни услови за сместување на илјадници бегалци, кои секојдневно доаѓаат од Солун или Атина.

Според него, ситуацијата е навистина загрижувачка и единствено решение засега е бегалците да се однесат во прифатни центри затоа што има многу семејства со мали деца кои бараат посебна нега, а во Идомени таа не може да им се овозможи. Децата се и првите што ги дочекуваат посетителите низ кампот. Некои срамежливи, некои насмевнати, отпоздравуваат со едно „здраво“ на англиски.

– Има и многу деца што патуваат сами, но во овој хаос кој се направи тука, тешко ни е сите да ги најдеме. Околу 45 до 50 отсто од луѓето овде се жени и деца и ним им е потребна специјална нега. Сите се надеваат дека ќе ја поминат границата, но тоа не се случува сега. Ова не е добро место за да се држат луѓе подолго време. Не е хигиенски, децата можат многу лесно да се разболат. Ако не се префрлат во прифатни центри, може да се појават многу здравствени проблеми, особено кај жените и кај децата. Бегалците се нестрпливи и сите сакаат да бидат тука за да ја поминат границата кога ќе се отвори. Ситуацијата е очајна. Грција се бори да се справи со оваа ситуација, но очигледно е дека не можат да се носат со ова – додава Балох.

Деспина Филипидаки, координаторката на Црвениот крст, за „Мета“ вели дека 37-40 отсто од сите бегалци во Идомени се деца.

– Голем број од бегалците се деца. Ние им помагаме со лекови, медицинска помош, психијатриска помош, нудиме храна за бебињата, хигиенски производи. Повеќето од децата доаѓаат со респираторни проблеми и со температура. Имаме проблеми понекогаш и со трудниците, но ги пренесуваме во локалните болници. Болестите се поврзани со временските услови – доколку е топло имаат сончаница, вртоглавица, изгореници и повреди на нозете – вели таа.

Заменик министерот за одбрана, Димитрис Вицас, истакна дека во текот на неделата ќе се отворат уште 16.000 места за бегалците во привремени прифатни центри. Тој посочи дека бегалците од Идомени мора да се прераспределат по прифатните центри.

– Бегалците мора да се пренесат во прифатните центри околу Идомени и според тоа колкава бројка дневно ќе биде дозволено да премине во Македонија, толку од нив ќе бидат пренесувани и таму – истакна Вицас.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

Изборите во Македонија беа добро организирани, но имаше остра реторика, а недостига и регулација во сферата на онлајн порталите. Ова е генерално оценката на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР и на...