fbpx

Утврдувањето на причините за пожарот ќе биде најтешкиот дел од истрагата за автобуската несреќа

-

По кобната несреќа на автобусот на „Беса транс БТБ“ на автопатот „Струма“ во Бугарија, бугарските органи излегоа со податокот дека целокупната истражна постапка би траела шест месеци за да се осознаат причините за сообраќајната незгода.

Мета.мк го контактираше Дејан Трпевски, судски вештак за сообраќајни незгоди, којшто објаснува дека најмалку време на истрагата ќе ѝ треба за утврдување на причините за случувањето на незгодата од сообраќаен аспект.

„Од сообраќаен аспект ова е релативно едноставна сообраќајна незгода. Како фактори може да бидат, временските и патните услови, состојбата на автобусот и субјективната причина, возачот“, објаснува Трпевски.

Тој додава дека најмногу време на органите на истрагата ќе им одземе утврдувањето на причините за избувнувањето на пожарот, затоа што веќе се потврдува дека патниците ја преживеале сообраќајната несреќа, но настрадале од пожарот.

„Прашањето е со какви материјални докази ќе се располага за утврдувањето на причината за пожарот и колку длабоко во причините за избувнувањето на истиот ќе може да се оди во истрагата. Можно е да нема да има доволно материјални докази за да се утврди како започнал пожарот па сè да се заврши само на претпоставки и да се изведе заклучок само за сообраќајниот дел од незгодата“, вели Дејан Трпевски.

Инаку, во Бугарија трагедијата со автобусот на „Беса транс БТБ“ ја води тим од девет истражители и обвинители. Истражната постапка ќе ја водат бугарските органи, но македонското обвинителство веќе најави дека ќе соработува во обезбедувањето на неопходните документи за истрагата во Бугарија.

Мета.мк го контактираше и Симеон Ананиев, претседател на Здружението на вешти лица во Бугарија. Тој посочува дека ќе следи сложено вештачење коешто треба да опфати барем шест точки.

Како прво, ќе мора да се испита како е проектирана делницата од автопатот „Струма“ на која што се случи сообраќајната несреќа. Доколку не ги исполнува критериумите на ЕУ, ќе се постави прашањето дали овој пат не треба да се препроектира и кој не го направил тоа досега.

Втората стручна експертиза ќе биде самата изградба на автопатот според техничките зададени параметри – косини, наклони, заштитни огради и сигнализација, и воопшто, дали имало некакви забелешки во однос на овие прашања.

Како трето, ќе треба да се направи вештачење на автобусот – година на производство, технички параметри, дали и какви ремонти на возилото биле правени во минатото, да се утврди дали тоа имало ограничувач на брзината и GPS уред.

Посебно вештачење е автотехничкото, коешто ќе го вклучи начинот на движење на автобусот, брзината на движење, каде и како удрил во заштитната ограда, дали имало кочење и на колкаво растојание и дали заштитната ограда можела да го сопре автобусот.

Петтото вештачење е противпожарното, коешто ќе треба да каже каде избувнал пожарот и кои се причините за неговото појавување и ширење во автобусот, појаснува професорот Ананиев.

На крај, ќе треба да се направи збирна експертиза на сумирање на податоците од сите претходни вештачења, која што ќе треба да ја вклучи и законската рамка за одвивањето на сообраќајот на патиштата и какви документи се потребни за вклучување во сообраќај и преминување на граничните премини.

Борислав Сарафов, заменик јавен обвинител и директор на Националната истражна служба на Бугарија, вчера ја информираше јавноста дека жртвите во трагедијата кај Перник починале од задушување, исклучувајќи ја можноста дека патниците загинале од повреди при катастрофата или од разнесување од експлозија. Бугарските власти ја исклучија можноста во автобусот да се носеле туби со дизел гориво.

Сарафов вчера рече дека првичната, основна верзија за причините за несреќата е таа за човечка грешка, но сериозно се истражува и за проблеми со банкините и сигнализацијата и поставеноста на движењето.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Забраната за примање невакцинирани деца во градинка во време на епидемија, не е дискриминација

Со објавата се шири паника и се обвинуваат здравствените власти, иако станува збор за стандардно постапување кое поради недоволен вакцинален опфат беше применувано и во 2019 година, кога имаше...