Утре ќе се одржи настанот „Лирскиот дом на Шопов – отворени образовни и културни ресурси“

Фото: Филолошки факултет „Блаже Конески“ - Скопје

Катедрата за македонска книжевност и култура при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје по повод утрешниот ден кога се одбележуваат 40 години од смртта на доајенот на македонската современа поезија, Ацо Шопов, како и 70 години од објавувањето на стихозбирката „Стихови за маката и радоста“, го организира настанот „Лирскиот дом на Шопов – отворени образовни и културни ресурси“, со што официјално се отвора и книжевната манифестација, „Денови на македонската литература“. 

Настанот ќе започне во 12 часот и ќе се одржува онлајн, а сите заинтересирани ќе можат да го проследат преку платформата Зум на овој ЛИНК. (Meeting ID: 829 4512 1947; Passcode: 647976).

„Акцентот на настанот ќе биде ставен на повеќејазичната веб-платформа „Лирскиот дом на Ацо Шопов“ – отворен, интернетски ресурс, изворник на материјали за научноистражувачки и преведувачки потфати преку којшто е достапен голем дел од творештвото на Шопов, голем фонд на документи и податоци, како и критички одгласи за неговата поезија и голем обем на видеоматеријали и фотодокументација“, се вели во најавата од организаторите.

Нивната главна цел е да се придонесе за поголема достапност на платформата за книжевните истражувачи, лингвистите и преведувачите, за студентите и воопшто за македонската академска заедница во целина.

За време на „Лирскиот дом на Шопов – отворени образовни и културни ресурси“ поздравни обраќања ќе одржат деканката на Филолошкиот факултет, проф. д-р Анета Дучевска, продеканката, проф. д-р Маја Бојаџиевска и раководителката на Катедрата за македонска книжевност и култура, проф. д-р Кристина Николовска.

За знаменитиот поет Шопов и за веб-платформата „Лирскиот дом на Ацо Шопов“ говор ќе одржи проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, по што ќе следи и презентација на веб-платформата, којашто ќе ја оствари Јасмина Шопова, толкувач и препејувач, но и ќерка на поетот и носител на проектот за создавање на повеќејазичната веб-платформа.

Во рамките на литературната манифестација „Денови на македонската литература“, во виртуелен формат, на 25 мај 2022 година, со почеток во 10:30 часот, ќе се одржи  средба со писатели, а на 26 мај 2022 година, со почеток во 11 часот, ќе се одржи поетско читање на млади македонски автори.