Уставниот суд ја одложи расправата по иницијативата околу уставноста и законитоста на одлуката за поставување на 55-метарскиот крст во Општина Бутел и оваа точка ќе се најде на дневен ред на некоја од наредните седници на судот.

Како што дознаваме од Уставниот суд, судијата известител за овој предмет, Владимир Стојановски без конкретно образложени ја повлекол оваа точка од дневниот ред на денешната седница и рекол дека таа ќе биде ставена на дневен ред на некоја од наредните седници.

Оваа иницијатива, според претходно најавената агенда требаше да биде 11 точка од дневниот ред на денешната седница.

Иако, во информацијата на Уставниот суд не беше конкретно наведено дека иницијативата се однесува на изградбата на крстот во Бутел и кој е подносителот, сепак според датумот од 23 февруари се забележува дека на својата 39. седница Советот на Општината донесе одлука за поставување на „урбан крст на постамент на микролокацијата на кружниот тек“.

Поставувањето на крстот е донација на Светскиот македонски конгрес (СМК).

Поставувањето на крстот предизвика тензии, откако членови на ДУИ и нивни поддржувачи поставија камп против неговата изградба на што со контрапротести одговори Светскиот македонски конгрес, чиј претседател Тодор Петров беше и физички нападнат, дента по свеченоста за осветување на каменот-темелник.