УСАИД со нова активност за зајакнување на економските можности на младите

Петгодишната активност ќе им обезбеди економски можности на младите, ќе ги зајакне нивните вештини за работа, напредок во кариерата и граѓанско учество, а ќе промовира и вредности и искуства кои ќе им помогнат да станат понезависни

Фото: Мета.мк

УСАИД започнува со новата Активност за младите во земјава, преку која се создаваат можности со цел да се поддржат младите да станат успешни и самостојни, за да придонесат за нивните заедници и подобра иднина во земјава, информираат од УСАИД.

Петгодишната активност за која се обезбедени 7 милиони долари ќе им обезбеди економски можности на младите, ќе ги зајакне нивните вештини за работа, напредок во кариерата и граѓанско учество, а ќе промовира и вредности и искуства кои ќе им помогнат да станат понезависни. Работејќи со младите, за младите, УСАИД има за цел да ја поттикне следната генерација лидери да придонесе за напредок.

„Многу компании се соочуваат со предизвици во привлекувањето квалификувани млади, додека младите не можат да најдат работа што ги исполнува нивните очекувања. Ќе работиме заедно со компаниите и институциите за да им помогнеме на младите да најдат привлечни можности за вработување во растечките индустрии, а исто така ќе им помогнеме на бизнисите да привлечат квалификувани млади, со што ќе останат конкурентни и ќе напредуваат“, рече Небојша Мојсоски, раководител на Активноста.

Активноста ќе им овозможи на младите луѓе пристап до иновативни програми за обука, пракса и кариерно советување, опремувајќи ги со соодветни вештини за пазарот на труд.

„Намалувањето на невработеноста кај младите е еден од нашите стратешки приоритети, кој е клучен за градење на посилно, поинклузивно општество“, истакна Јованка Тренчевска, министерка за труд и социјална политика.

УСАИД преку оваа Активност ќе поддржи партнерства со младински групи, бизниси, локална и централна власт и ќе обезбеди грантови преку кои ќе промовираме креативни настани предводени од младите, иновации, развој на специфични вештини за кариери и активно граѓанство, истражувачка работа, одговорност, етичност и интегритет.

Во текот на петгодишниот период, преку оваа Активност ќе се работи со 10.000 млади во земјава. Активноста ја спроведува Унапредување на економиите за посилни заедници, американска непрофитна организација, во партнерство со Центарот за развој на менаџери и претприемачи (CEED Hub) Скопје и Младински образовен форум.