fbpx

Украина нема објавено поштенски марки од СС дивизијата Галиција

„Марки“ со СС дивизијата Галиција постојат, но тие немаат никаква врска со украинската поштенска служба, ниту со украинските власти, ниту со филателијата. Станува збор за приватно издание

-

„Марки“ со СС дивизијата Галиција постојат, но тие не се официјални украински поштенски марки и немаат никаква врска со украинската поштенска служба, ниту со украинските власти, ниту со филателијата. Тие не се издадени од страна на Украинската пошта, туку се работи за „марки“ испечатени од група ентузијасти, станува збор за приватно издание и тие не претставуваат официјални поштенски марки. Ваквите дела имаат само едно заедничко со поштенските марки, тоа што од страните имаат „запци“. Но, формално ова се само фотографии испечатени во форма на поштенски марки, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделуваат неколку поштенски марки и пишува:

Украина, на крај си го покажа нацистичкото лице.

Исфрли (објави) поштенски марки со ликови на големите крвници, нацисти.

Зар на ваква Украина се дава поддршка?

Како што пишуваат проверувачите на факти на Мит Детектор, „марките“ кои се наоѓаат на оваа фотографија не се издадени од страна на Украинската пошта, тие се испечатени од група ентузијасти и не претставуваат официјални поштенски марки.

Информациите за поштенски марки со слики на членовите на СС дивизијата „Галиција“ кружат во руските медиуми и форумите на руски јазик од 2018 година. Покрај тоа, во април 2018 година и руската амбасада во Јужна Африка сподели фотографија од поштенските марки на Твитер, тврдејќи дека биле издадени во Украина „во чест на нацистичката дивизија“.

Како што пишува Мит Детектор, мал број на маркици биле издадени во 2018 година од група ентузијасти кои ја истражуваат историјата на СС дивизијата Галиција.

Овие маркици не се официјални, достапни се во мал тираж и биле на продажба во Лaвов на настанот поврзан со 75 годишнината на дивизијата Галиција.
Овие маркици се моментално достапни на онлајн аукција, иако оваа аукција, исто така, е во категоријата на непоштенски марки во која се пласираат за продажба неофицијални марки на различни дизајнери, пишува Мит Детектор.

Маркиците посветени на дивизијата Галиција не се достапни ниту на официјалната страница на Украинската пошта „Укрпошта“. Дополнително, на интернационалниот каталог за поштенски марки Stampworld.com, каде може да се видат марки издадени од различни земји по година, нема слични марки коишто се издадени во 2018 г. Листата на марки издадени во 2018 година може да се најде на Википедија базирано на каталогот од 2018 на поштата на Украина.

Откако Марија Захарова, портпаролка на министерството за надворешни работи на Русија, на брифинг во јануари 2023 година спомна дека во медиумите прочитала оти во Лавов се издавале официјални поштенски марки кои ја глорифицираат фашистичката СС дивизија Галиција, ваквата информација беше проверена од  украински агенции за проверка на факти, како на пример, Вокс Украина, како и од балтичката агенција Делфи.

Дивизијата Галиција беше дел од Вафен СС, воено крило за време на Втората светска војна, кое главно се состоело од украински доброволци од регионот на Галиција.  Дивизијата беше организирана од германскиот гувернер на Галиција, Ото Фон Вахтер, а нејзиното создавање беше официјализирано на 28 април 1943 година.

Како што пишуваат проверувачите на факти на Делфи, во 2018 година, Укрпошта издаде 90 поштенски марки. Меѓу нив има поштенски марки посветени на финалето на Лигата на шампионите, Казимир Малевич, мостови и катедрали, војници на украинските вооружени сили, икони и везени кошули. Но, нема ни трага од поштенските марки со Галиција.

Едноставно кажано, поединци – ентузијасти постојано приватно печатат поштенски марки посветени на широк спектар на теми. На пример, на аукциите може да најдете серии од парагвајски поштенски марки со различни формации на нацистички трупи, кои датираат од 2013 година, пишува Делфи.

Ваквите дела имаат само едно заедничко со поштенските марки, тоа што од страните имаат „запци“. Но, формално ова се само фотографии испечатени во форма на поштенски марки. Тие може да се користат како сувенири или да се залепат на разгледница. Но, ако ги залепите на разгледница, тогаш тие ќе претставуваат само една фотографија залепена на разгледницата, а не поштенска марка издадена од владата што ви дозволува да платите поштарина.

Така што, „марки“ со СС дивизијата Галиција постојат, но тие немаат никаква врска со украинската поштенска служба, ниту со украинските власти, ниту со филателијата. Станува збор за приватно издание, кое зависно од желбата и финансиските можности, може да го испечати секој.

Поради сите горенаведени факти оценуваме дека во објавата што ја рецензираме е невистинита.

hubmk

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Португалската влада го отфрли предлогот на претседателот за репарации за ропството

Португалската влада го отфрли предлогот на претседателот на државата дека треба да „плати“ за ропството и другите злосторства од колонијалната ера, велејќи дека нема планови за репарации, а наместо...