fbpx

Укинатите патнички возови кон Битола ќе се вратат во функција, ама не се знае кога

Од државното железничко претпријатие во секој од одговорите потенцираат дека возниот ред зависи од расположивите возни капацитети, односно од моторните гарнитури, локомотиви и вагони што се исправни

-

Стружните служби во Железници на РСМ-Транспорт интензивно работат на редовно одржување на возните средства, за што побрзо да се вратат во функција укинатите возови од Скопје кон Битола, Кичево, Табановце и Кочани. Ова е одговорот што Мета.мк го доби од раководството на државната компанија откако на 25 октомври беа укинати по два воза дневно на релацијата Скопје-Битола-Скопје.

И додека негативните реакции на граѓаните не стивнуваат од укинувањето на патничките возови, од Железници на РСМ-Транспорт велат дека со сигурност планираат да ги вратат во функција дел од укинатите патнички возови во текот на 2024 година. Во моментов, на релацијата Скопје-Битола-Скопје сообраќа единствено возот од Скопје за Битола со поаѓање од 14:30 часот, како и возот од Битола за Скопје со поаѓање од 3:13 часот.

Иако директно не ја објаснуваат причината за привременото укинување на возовите, од државното железничко претпријатие во секој од одговорите потенцираат дека одржувањето на возниот ред зависи од расположивите возни капацитети, односно од моторните гарнитури, локомотиви и вагони што им се на располагање.

Во зависност од расположивите возни капацитети, дел од укинатите патнички возови во 2024 година со сигурност ќе се вратат во функција, вели за Мета.мк, Саша Јовановски, директор за патнички сообраќај во Железници на РСМ-Транспорт.

Од државното железничко претпријатие не објаснуваат колкави финансиски средства им се неопходни на годишно ниво за да го одржуваат непрекинато патничкиот железнички сообраќај во функција. Од Железници на РСМ-Транспорт велат дека во моментов се во координација со Министерството за транспорт и врски и се дефинира потребната сума од државниот буџет за оваа намена, но конкретната сума што ќе се издвои за догодина не е наведена.

Од Министерството за транспорт и врски за Мета.мк објаснуваат дека годинава од државниот буџет досега биле префрлени околу 10 милиони евра за помош на патничкиот железнички сообраќај, како и за покривање на другите тековни трошоци. Лани биле трансферирани 15 милиони евра кон железничкото претпријатие.

Ве известуваме дека во овој момент се прават проекции за буџетот за наредната година. Кога Собранието ќе го изгласа буџетот, тогаш точно ќе се знае точната сума за ЖРСМ Транспорт за 2024 година, објаснуваат од Министерството за транспорт и врски.

Функционирањето на патничкиот железнички сообраќај е без исклучок карактеристика на секоја земја-членка на ЕУ, а овие возови во сите земји се финансиски поддржани од државните и регионалните власти како потреба која е од исклучителен јавен интерес за граѓаните и како најеколошко средство за масовен превоз на патници.

Но, македонските институции и самата железница во моментов се чини дека немаат конкретни мерки како да го решат проблемот со реструктуирањето на самото железничко претпријатие, кое би довело и до позитивни промени во функционирањето на патничките возови.

Според анализа објавена од Порталб.мк, Железници на РСМ-Транспорт во првото полугодие од 2023 година е најголемиот државен загубар со натрупани долгови од 64,9 милиони евра.

Државното железничко претпријатие има 941 вработено лице, од кои дури 191 од нив работат во дирекцијата, како и 450 лица во влеча на возови. Оние кои директно се вработени за функционирање на патничкиот сообраќај се 118, додека во делот на товарниот превоз се вработени 175 лица, покажуваат податоците објавени на официјалниот веб-сајт на претпријатието.

Ваквите бројки покажуваат дека не само што треба да се вратат натрупаните долгови, туку и дека треба да се направи реструктуирање кај бројот на вработени, особено кај оној кадар којшто е вишок. Цените на билетите за патничките возови исто така не се корегирани повеќе од една деценија наназад, иако нафтените деривати и струјата силно поскапеа во изминатиов период. Мета.мк со години наназад пишува дека поволностите за патување со воз ретко се обновуваат за граѓаните, што пак влијае на намалувањето на интересот за користење на ова еколошко превозно средство.

Железници на РСМ-Транспорт наскоро ќе се соочи и со нов предизвик, а тоа е воведувањето на приватни компании што ќе сообраќаат на македонските пруги и ќе претставуваат конкуренција на постојниот монопол во товарниот железнички превоз. Стравувањата се дека би можеле да опаднат приходите кои доаѓаат од товарните возови, иако официјалните документи на државното претпријатие, како што е Планот за работа за 2022 година, покажуваат дека и товарниот сообраќај создава загуби од функционирањето. Само во 2021 година е проценето дека товарниот железнички сообраќај создал загуби од околу 74 милиони денари.

Србија ќе ни помага за да го вратиме во функција патничкиот сообраќај

Во однос на неодамнешните најави во медиумите дека македонските власти од соседна Србија ќе бараат помош преку увоз на нови возови и вагони, од Железници на РСМ-Транспорт ги потврдуваат ваквите информации, но додаваат дека засега нема конкретен договор.

Постои почетна иницијатива од страна на Железници на РСМ-Транспорт, со Србија Воз, околу можноста за обезбедување на неколку електро локомотиви и дизелмоторни патнички гарнитури. Разговорите за обемот и модалитетот за реализирање на оваа иницијатива, се предмет на понатамошен договор, вели Саша Јовановски, директор за патнички сообраќај во Железници на РСМ-Транспорт.

Почнувајќи од 2018 година, постепено се укинуваат патничките возови во земјава. Прво во август 2018 година беше укинат експресниот воз меѓу Скопје и Битола. Во 2021 година беа укинати возовите на релациите Скопје-Кичево-Скопје, Скопје-Кочани-Скопје и Скопје-Приштина-Скопје. Од 4 јануари годинава беа укинати сите возови на релацијата Скопје-Табановце-Скопје, додека од 25 октомври престанаа да сообраќат и два пара возови меѓу Скопје и Битола.

Од 25 октомври се укинуваат возови меѓу Скопје и Битола, ќе сообраќаат само еднаш дневно

Возовите кон Куманово и Табановце повторно не сообраќаат, нема доволно машиновозачи

Половина година не сообраќаат возовите кон Кичево, Кочани и Приштина, од Железници-Транспорт молк

Инаку, не е првпат државното железничко претпријатие да крати возови под изговор за нивната нерентабилност. Во текот на летото 2009 година, патниците останаа со само два воза дневно меѓу Скопје и Битола поради рестрикциите што ги воведе претпријатието поради обидот да се намалат трошоците за работење на претпријатието. Тогаш се укинаа и по еден пар возови на релациите кон Гевгелија, Кочани, Велес, Кичево и Табановце. Во 2007 година пак, четири линии беа укинати кон Табановце, Велес, Битола и Гевгелија од страна на Железница, поради тоа што тие беа оценети нерентабилни. Сепак, под жестокиот притисок на јавноста, овие патнички возови беа вратени во функција по неколку месеци.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...