Училишта од Струмица и Велес ќе станат регионални центри за средно стручно образование

Станува збор за струмичкото училиште „Никола Карев“ и велешкото „Коле Неделковски“, кои со помош на ЕУ ќе бидат целосно реконструирани

фото: ССОУ „Коле Неделковски" Велес / Фејсбук

Две средни општински училишта од Струмица и Велес ќе прераснат во регионални центри за стручно образование, одлучи Владата во соработка со проектот на Европската Унија „Зголемување на атрактивноста, инклузивноста и релевантноста на стручното образование и обука и образованието за возрасни“.

Станува збор за струмичкото училиште „Никола Карев“ и велешкото „Коле Неделковски“, кои со помош на ЕУ ќе бидат целосно реконструирани, соопштија денеска од Министерството за образование и наука (МОН).

Неделава ќе се одржат и две регионални конференции „Улогата на регионалните СОО центри за подобрување на системот за СОО во источниот регион“ – првата ќе биде во Струмица, в среда со почеток во 10 часот, а другата в четврток во Велес, со почеток во 10 часот.

На конференциите ќе присуствуваат претставници на повеќе државни институции, на Делегацијата на ЕУ, градоначалниците на општините во регионот, како и претставници од тимот на проектот ИАИР.