Учениците од ОУ „Гоце Делчев“ во Тетово, одат по улица, заобиколувајќи ги возилата на тротоарите

Учениците од основното училиште „Гоце Делчев“ во Тетово секој ден одат на училиште загрозувајќи го животот, бидејќи се принудени да одат по улица, поради тоа што на тротоарите околу училиштето постојано се паркирани возила. Општина Тетово претходно вети дека ќе се постават блокади околу ова и други училишта, во текот на првите денови од 2021 година, пишува Порталб.мк.

„Во моментов ни се потрошени количините на материјал кој го поставуваме за да го блокираме паркирањето возила на тротоарите околу основните училишта; планираме да ги поставиме и во неколку други училишта но тоа останува за наредната година, или во рок од 1 месец, првите денови од наредната година“, рекоа од Општина Тетово.

Ова училиште се наоѓа само неколку метри од Бирото за развој на образованието, и иако претставниците на Министерството за образование и наука секој ден се сведоци на тоа како учениците одат по пат за да стигнат во училиште, досега, немало никаква реакција од нивна страна, се потенцира во текстот.

Oд Секторот за внатрешни работи – Тетово (СВР Тетово) информираат дека во последните три години има благ пораст на бројот на пешаци повредени од возила, станува збор за 308 пешаци за 4 години.

2017 – две жртви, 67 пешаци со лесни телесни повреди, 18 пешаци со тешки телесни повреди.
2018 – една жртва, 72 пешаци со лесни телесни повреди, 18 пешаци со тешки телесни повреди.
2019 – две жртви, 74 пешаци со лесни телесни повреди, 16 пешаци со тешки телесни повреди.

Имајќи предвид дека сè уште сме во 2020 година, досега вкупно се регистрирани 38 повредени пешаци од возила во Тетово.

Инаку, ситуацијата со извршени кривични дела, односно нарушување на јавниот ред и мир во и околу училиштата се подобрува од година во година, велат податоците од СВР Тетово.

Во текот на 2013 во и околу училиштата биле регистрирани вкупно 40 дела на нарушување на јавниот ред и мир, во 2018-2019 вкупно 6 нарушувања на јавниот ред и мир додека во 2020 година не е регистриран ниту еден таков случај.