Учениците полагаат меѓународни тестови на лаптопи што ги разнесува Државниот испитен центар

Директорката на Државниот испитен центар Билјана Михајловска вели дека постои недостиг на компјутерска опрема во училиштата, која е потребна не само за спроведување на тестирањата, туку и за процесот на одвивање на наставата

Фото: Glenn Carstens Peters, Unsplash

Меѓународните тестови кои се полагаат на светско ниво од страна на нашите ученици, како што се ПИРЛС, ТИМСС и ПИСА, се решаваат на лаптопи кои во училиштата им ги носат вработени во Државниот испитен центар (ДИЦ), бидејќи мнозинството училишта во државата немаат компјутерска опрема. Сите организации кои ги организираат овие обемни меѓународни тестирања, во кои учествуваат десетици земји, инсистираат процесот на тестирање да се изведува на компјутер, а не на хартија.

Тестирањето од меѓународната студија ПИРЛС за проверка на оспособеноста на учениците на возраст од 9 и 10 години за читање со разбирање, годинава се изведе на хартија. Но, веќе во 2026 година ќе се полага во електронска форма. Во Македонија, за прв пат петнаесетгодишници полагаа на компјутер кога се спроведе ПИСА тестирањето минатата година. Исто така, и ТИМСС тестирањето годинава беше изведено на компјутер.

За потребата од компјутерска опрема во училиштата, Мета.мк разговараше со новата директорка на ДИЦ, Билјана Михајловска.

„Ние го скршивме ледот со ПИСА 2022, 15-годишни ученици ги тестиравме електронски. Кај помалите, ТИМСС 2023 беше реализирано во четврто одделение, исто така по електронски пат. Децата немаа никаков проблем. Што се однесува до начинот како технички го изведуваме процесот, има одредени перформанси кои се бараат во однос на хардверот и софтверот, за да може да се изведе тестирањето. За да бидиме сигурни дека нема да имаме проблем, носиме наши лаптопи во училиштата“, вели директорката на ДИЦ.

Во лаптопите е ставен пакетот прашања за конкретниот ученик кој ги одговара. Во оние училишта каде што има добра интернет врска, учениците може онлајн да ги добијат тестовите или пак да биде симнат пакетот на конкретниот компјутер, за да бидат решени задачите и да бидат пратени во базата.

„Кога ќе се реализира ПИРЛС вo 2026 година, ќе биде интересно да направиме споредба со резултатите од 2021, кога тестирањето се спроведе на хартија, за разлика од оние во 2026 кои ќе се спроведат на компјутер“, додава Михајловска.

Според неа, има многу причини зошто треба да има компјутерска опрема во училиштата, со оглед на тоа дека токму ваквата опрема е предуслов за воведување на дигиталната писменост како една од главните писмености и цели на ЕУ 2030.

„Организациите од типот на УНЕСКО или ЕУ, дигиталната писменост ја сметаат како основна писменост, еднаква како јазичната писменост, еднаква како математичката. Такви се времињата. Ние мора многу внимание да посветиме на тоа. Не ни е потребна опремата само за тестирањата, туку комплетно за процесот на настава. Потребна ни е за да одгледаме современи генерации“, смета Михајловска.

Мнозинството училишта во државата не се соодветно компјутерски опремени. Недостигот на компјутери и компјутерска опрема во наставата е една од најчестите слаби страни која ја нотираа и просветните инспектори во нивните извештаи, кога ја оценувале работата на училиштата во Македонија.

„Во однос на ИКТ наставата, проблемот е во тоа што или училниците се слабо опремени со компјутери или пак, таму каде што ги има, тие не се користат“, наведено беше во последниот извештај на Државниот просветен инспекторат.

Во македонското образование, последен пат беше набавена компјутерска опрема за сите ученици пред 14 години. Но, уште во првите години проектот доживеа фијаско, бидејќи беа крадени делови од компјутерите и за тоа речиси никој не сносеше одговорност. Најголем дел од опремата денеска се наоѓа во кабинети или е исфрлена од училиштатам бидејќи е нефункционална и неупотреблива. Оттогаш, само некои општини повремено набавуваат таблет-компјутери за потребите на наставата, најчесто преку донации.