„Тројка“ за училиштата од просветните инспектори: лоша хигиена и недостиг од компјутери

Лошите хигиенски услови во училиштата и во спортските сали, недостигот на нагледни средства (географски карти, глобуси, хамери, историски карти, смарт табли, геометриски тела, хербариуми и сл.) како и недостигот на компјутери се најчестите слаби страни кои ги нотирале просветните инспектори во нивните извештаи

фото: Министерство за образование и наука (МОН)

Лошите хигиенски услови во училиштата и во спортските сали, недостигот на нагледни средства (географски карти, глобуси, хамери, историски карти, смарт табли, геометриски тела, хербариуми и сл.) како и недостигот на компјутери и компјутерска опрема во наставата, се најчестите слаби страни кои ги нотирале просветните инспектори во нивните извештаи, кога ја оценувале работата на училиштата во Македонија. Државниот просветен инспекторат (ДПИ), повеќе од една деценија ја следи работата на училиштата и врз основа на тоа, ги оценува. Преку интегралната евалуација која се спроведува на секои три години, може да се согледа кои се силните, а кои слаби страни на училиштата.

Мета.мк побара информации и податоци од ДПИ за последните извршени проверки во училиштата, од каде што ни испратија извештаи за неколку училишта.

„Во октомври оваа учебна година, извршени се 12 интегрални евалуации, од кои седум во основни училишта и пет во средни училишта. Од овие 12 училишта, четири се оценети со оценка „делумно задоволува“, а осум училишта се оценети со оцена „добрo“, велат од ДПИ.

Оценките кои едно училиште може да ги добие за својата работа се „многу добро“, „добро“, „делумно задоволува“ и „незадоволително“. Со оценка „незадоволнително“, информираат во ДПИ, не е оценето ниту едно училиште во земјата.

Согласно индикаторите, се бодува планирањето и подготовката на наставата што ја врши секој наставник. Се мери и бодува и користењето разновидни приоди во наставата, но и дали редовно и уредно водат педагошка евиденција. Исто така, за да се формира оценката на ниво на училиште, се гледа и како секој наставник ги оценува учениците (дали континуирано, неконтинуирано или пак повремено оценува со примена на стандарди). Важно е и дали наставникот планира и организира средби со родителите и дали има сертификати за стручно усовршување. Се гледа и каква е училишната клима за работа, а се зема предвид и работата на стручната служба и на директорот на училиштето.

Во однос на ИКТ наставата, проблемот е во тоа што или училниците се слабо опремени со компјутери или пак, таму каде што ги има, тие не се користат. Во „слаби страни“ инспекторите нотирале и дотраен училишен инвентар, неосигурани училишта, неприлагодени цели по наставни предмети според образовните потреби на учениците, немање пристапни рампи за лица со хендикеп. Исто така, во „слаби страни“ спаѓа и тоа што во некои училишта приодот на наставниците во наставата за сите ученици е ист, а тоа е на пример, случај во училиштето „Киро Спанџов-Брко“ во Кавадарци.

Пример за тоа како изгледа еден извештај на ДПИ/ Извор: Државен просветен инспекторат

„Изборот на задачите и активностите наставниците не го приспособуваат на индвидуалните образовни потреби на учениците. Не ги запознаваат родителите и учениците со стандардите и критериумите на оценување, не користат разновидни методи на оценување, не го следат во континуитет напредокот на учениците, не ги вклучуваат учениците во оценувањето преку самооценување. Училиштето нема пропишано процедури за механизми и инструменти за талентираните ученици, како и за идентификување и следење на учениците со потешкотии“, навел инспекторот одговорен за ова училиште во својот извештај.

Секое училиште има свои јаки страни. Така, во „Страшо Пинџур“ во Вевчани, најголем дел од наставниците употребуваат современи интерактивни техники, форми и методи на поучување, учениците учествуваат во натпревари, постојано се унапредуваат наставниците на обуки, курсеви, семинари, проекти. Слично е и во „Браќа Миладиновци“ во скопски Аеродром, каде што е големо учеството на натпревари и успех на учениците на општинско, државно и на меѓународно ниво.

Интегралната евалуација нема репресивна улога, односно нема казни за училиштата со пониски оценки, а целта е да се согледа каков е квалитетот на воспитно-образовниот систем во државата.