Тужба против Град Скопје оти не обезбеди бесплатен превоз за студентите од приватните универзитети, најавува КСЗД

Од Комисијата велат дека размислуваат за два типа на пријави, од кои едната е прекршочна

Фото: Мета.мк

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) ќе поднесе тужба за заштита од дискриминација од јавен интерес (Actio popularis) за остварување на правото на бесплатен јавен превоз за сите студенти од приватните универзитети, објави Радио МОФ.

Од КСЗД за Мета.мк потврдија дека размислуваат за два типа на пријави, од кои едната е прекршочна и ќе се однесува на непостапувањето на град Скопје и градоначалничката Данела Арсовска по барањето на Комисијата да им обезбеди карти за бесплатен автобуски превоз на двајцата студенти – подносители на претставките. За ова град Скопје требаше да постапи во рок од 30 дена, рок кој истече кон крајот на јуни.

Вториот чекор што го најавува КСЗД е тужба за заштита од дискриминација од јавен интерес (Actio popularis) поради тоа што во град Скопје не постапиле по утврдената дискриминација кон сите редовни студенти на приватните универзитети.

КСЗД утврди индиректна продолжена дискриминација врз основа на личен и општествен статус, извршена од Град Скопје врз студентите од приватните универзитети, со тоа што не им овозможил бесплатен јавен превоз како што е случај со нивните колеги од државните високообразовни установи.

Продолжената дискриминација, инаку, законски се смета за потежок облик на дискриминација, затоа што е вршена врз едно или група лица непрекинато, во подолг временски период, како што е случај и со бесплатниот превоз на студентите што е воведен во 2016 година.

Град Скопје имаше рок од 60 дена за да ја отстрани повредата на правото на еднаквост. Мета.мк претходно не доби одговори од кабинетот на градоначалничката Данела Арсовска за тоа дали и како ќе постапат, а одговори не добиле ниту во Радио МОФ.

Бесплатен јавен превоз: Ќе се отстрани ли дискриминацијата врз студентите од приватните универзитети?