fbpx

Ципрас во трка со времето за нов договор

-

Грчката влада ја почнува динамично трката за постигнување договор по завршувањето на грчкиот референдум. По оставката на Јанис Варуфакис и неговата тактичка смена од позицијата министер за финансии, во моментов во претседателската палата заседава Националниот совет на политички лидери, а ќе се разговара за преговарачките планови на владата. Заедно со премиерот Алексис Ципрас и со претседателот на државата, Прокопис Павлопулос, на иста маса седнати се коалицискиот лидер на СИРИЗА, првиот човек на Независни Грци, Панос Каменос, првиот човек на партијата Река, Ставрос Теодоракис, привремениот претседател на Нова Демократија, Евангелос Меимаракис, кој беше поставен на оваа позиција од Адонис Самарас веднаш по неговата синоќешна оставката од лидерската позиција, претседателката на ПАСОК, Фофи Генимата, и првиот човек на Комунистичката партија, Димитрис Куцубас. Од Советот отсуствува лидерот на Златна зора, Никос Михалолиакос.

На Советот се очекува да се слушнат барањата и идеите на опозициските партии и плановите на владата по гласното „не“ што граѓаните го упатија на референдумот, креирајќи политички земјотрес во Грција. Конечнот исход од референдумот е 61,3 отсто гласови против мерките наспроти 38,6 проценти гласови „за“ мерките. На референдумот излегоа 62,5 отсто од регистрираните гласачи. Иако оваа бројка му дава сила на Ципрас самостојно да се врати во Брисел и да преговара, смената на Варуфакис и консултациите со политичките лидери покажуваат една нова тактика на поумерени чекори, наместо остаро противење кои би ѝ покажале на Европа дека грчката влада искрено сака да се постигне договор.

Клучна е изјавата на Ципрас во синоќешното обраќање, со која посочи дека не планира да ја загрози иднината на Грција во еврозоната, коментирајќи дека е свесен дека гласовите од референдумот не се наредба за излез од еворозната и од Европската унија, туку наредба да се интензивираат преговачките сили за да се постигне одржлив договор. Во медиумските кулоари, се шпекулира дека европските кредитори уште доцна ноќеска побарале извесни работи од Ципрас, како промена на преговарачкиот тим, само едно од строгите барања кои се очекува да ги постават на маса за да се постигне договор. Грчкиот весник „Етнос“ го поставува прашањето дали со свикувањето на Националниот совет на лидери, владата размислува за формирање национален преговарачки тим со претставници од сите политички партии, идеја која ја предлагаа опозициските партии. Работите во оваа насока се значително олеснети од моментот кога Самарас веќе не е на лидерството на Нова демократија, што во СИРИЗА се чита како можност за полесно наоѓање заеднички јазик со десничарската партија.

Останува да се види и што ќе побараат и предложат опозициските партии како Река и ПАСОК, кои побараа единство на народот и истакнаа дека ќе поддржат одржливо решение кое ќе ги загарантира европската иднина и задржувањето на евровалутата во Грција и тоа што поскоро. Според информациите, лидерот на Река, Теодоракис, можно е да побара Ципрас да се обврзе да не се загрози останувањето во еврозоната и смена на преговарачкиот тим.

Ципрас, се чини, ќе биде притиснат и од неговиот владин тим. Во оваа насока интересна беше изјавата на заменик-министерот Димитрис Мардас, кој за телевизијата „Мега“ истакна дека грчката влада треба јасно да им стави на знаење на европските институции дека е силно одлучена да остане дел од европското семејство во секој поглед.

– Треба да покажеме слика на преговарачки тим со јасна европска ориентација. Тоа е црвената линија на голем број од нас за да продолжиме да бидеме дел од оваа влада – додаде Мардас.

Иако првите чекори помалку од 24 часа од преговорите покажуваат една нова, посмирена тактика и волја за брзо решение од грчката влада, останува неизвесно што ќе донесат следните денови и што европските институции ќе побараат од Грција по гласниот удар од грчките граѓани против нивните мерки за штедење.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.