fbpx

Ципрас се заканува со вето во Брисел поради бегалската криза

-

Грција продолжува да тоне под напливот бегалци. Бројката на бегалци од Сирија, Ирак, Авганистан продолжува секојдневно да се зголемува.

Низ сите центри за мигранти, бегалскиот камп на Идомени, неформалниот камп кај Поликастро, но и покрај автопатот кај Ламиа и ред други делници низ државата, голем број автобуси со бегалци чекаат да видат дали ќе успеат да бидат пренесени до Идомени, а оттаму во Македонија за да го продолжат својот пат кон Германија.

Голем дел од нив повторно почнуваат пеш да одат по автопатот за побргу да стигнат до македонско-грчката граница.

Кај грчките политичари сè поголема е нервозата околу одлуките да се намалува бројот на бегалци што се пропуштаат и за постепеното затворање на премините за бегалците. Премиерот Алексис Ципрас вчера во грчкиот парламент се закани со вето во Брисел за европските договори доколку членките на Европската Унија не се договорат за рамномерна поделба на одговорностите и тежината на бегалската криза и поголем прием и распределба на бегалците низ целата Унија. Ципрас изрази разочараност од ставот на ЕУ кон справување со бегалската криза.

– Некои не разбираат дека заедничките договори или се почитуваат од сите или не постојат. Не можеме да прифатиме дека одредени држави креваат огради и не сакаат да прифатат ниту еден бегалец. Одлуката на Австрија да свикува состаноци без да вклучи држави засеганти од ситуацијата е неприфатлива – истакна Ципрас.

Тој посочи дека нема да дозволи државата да се преплави со бегалци во очај и при тоа да продолжи да функционира во ЕУ како да нема никаков проблем.

– Грција нема да се согласи на европски договори ако не се договори задолжителна соодветна распределба на тежината и на одговорноста за бегалската криза меѓу сите држави. Грција ќе реагира. Тоа е единствениот начин да избегнеме несакани последици во Европа – истакна Ципрас, индиректно најавувајќи вето во Брисел доколку европските одлуки бидат еднакви на заглавување на илјадници бегалци во Грција.

Грчкиот премиер планира да свика лидерска средба пред идниот самит на ЕУ за бегалската криза закажан за 7 март. Како што најави самиот, Ципрас ќе побара од лидерите на сите партии во грчкиот парламент да го поддржат и да се постигне консензус за единствена национална позиција за справувањето со бегалската криза, односно барање бегалците рамномерно да бидат поделени на сите европски држави. Со оваа поддршка Ципрас би можел сигурен да оди во ЕУ и да постави вето доколку заклучоците не одат во прилог на Грција и на грчките интереси.

Во меѓувреме, додека врие на политичката сцена, врие и низ плоштадите, автопатите и во мигрантските центри низ целата земја. Медиумите вчера јавуваа дека повеќе од 12.000 бегалци чекаат низ цела Грција да бидат пренесени до Идомени, а бројката постојано се зголемува како што пристигнуваат нови бродови од островите.

На Идомени се заглавени илјадници бегалци од Сирија и од Ирак, а бегалците од Авганистан се во центарот за релоцирање кај Солун. Изутринава на Пиреја пристигна брод со нови 1.325 регистрирани бегалци од Лезбос и од Хиос, кои засега остануваат на пристаништето бидејќи нема зелено светло да тргнат кон границата со Македонија.

Државата бара и нови места каде може привремено да се згрижат бегалците околу Солун и Атина.
Активистите и волонтерите што им помагаат на бегалците и од грчка и од македонска страна преудупредуваат дека затворањето на граничните премини за бегалците и ограничувањето на протекот може да има само негативни последици и да доведе до зголемување на бројката на нерегистирани и нелегални преминувања, но и до несакано насилство меѓу групите на кои им е забранет влез и премин во ЕУ.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Погрешно се тврди дека еден од осомничените за нападот во Москва е чеченскиот милитант Ажиев

Човекот на фотографијата, кој од страна на руските власти беше идентификуван, приведен и изведен пред суд како осомничен за терористичкиот напад во Москва, е Далерџон Мирзоев, државјанин на Таџикистан...