fbpx

Ципрас пресече: Референдум за мерките на 5 јули

-

Грците на 5 јули ќе одлучуваат за иднината на државата и за пакетот мерки што ги предлагаат европските кредитори. Премиерот Алексис Ципрас по пет месеци неуспешни преговори и натегања со европските партнери, како и силни притисоци за построги мерки, одлучи да ја стави судбината на државата, нејзиното останување во еврозоната, финансиската стабилност и иднина во рацете на граѓаните.

Грчкиот народ в недела ќе треба да одговори на прашањето дали ги прифаќаат или не мерките што ги предлагаат европските кредитори и со тоа да ја реши дилемата за нови мерки за штедење и за останување во еврозоната или евентуален банкрот.

Ципрас го најави референдумот кусо по полноќ, во јавно телевизиско обраќање до граѓаните. Најави дека ќе го почитува резултатот од референдумот, каков и да биде, изјава која во Грција беше протолкувана како негово индиректно јасно противење против мерките што ги предлагаат европските институции за Грција да продолжи да добива финансиска помош. Ципрас побара од граѓаните да испратат силен демократски одговор и пример до Европа и до меѓународната заедница.

Грчкиот премиер посочи дека во текот на преговорите се обидел да ги задржи ветувањата до народот и да не ја изневери нивната доверба, поради што не може да се согласи со мерки кои одново ќе го обременат народот со тешка рецесија и ќе ги поткопаат и општеството и економјата. Мерките, како што истакна Ципрас, ќе доведат до нов бран отпуштања, намалувања на пензии и на плати, зголемување на цената на храната, угостителските и на туристичките услуги.

„Кон тоталитаризмот и строгата рецесија одговараме со демократија, смиреност и со одлучност“, истакна Ципрас, барајќи од граѓаните да гласаат во согласност со идејата за зачувување на националниот интегритет.

За одлуката веќе се известени германската канцеларка Ангела Меркел и првиот човек на комисијата, Жан-Клод Јункер. Ципрас ќе испрати барање до Брисел за неколкудневно продолжување на програмата за Грција, додека народот не одлучи на референдум што ќе се прави со новиот пакет за Грција.

Вицепремиерот на владата, Јанис Драгасакис, и заменик-министерот за надворешни работи, Евклидис Цакалотис, денеска, сабота, ќе се сретнат со првиот човек на Европската централна банка, Марио Драги.

Одлуката на Ципрас носи нов бран неизвесност за Грција. Голем дел од новинарите и од аналитичарите преку социјалните мрежи револтирано реагираат за одлуката, прашувајќи колку е одговорен ваков потег од Ципрас.

На најавата за референдум ѝ претходеа шпекулации дека Ципрас му најавил на кипарскиот претседател дека размислува да распише предвремени избори бидејќи не може да најде заеднички јазик со европските партнери.

Размислување за референдум за мерките што ги предлагаат европските партнери, во 2012 година имаше и тогашниот премиер Јоргос Папандреу, кој само што ја спомена јавно идејата за народот да одлучи дали би ги прифатил мерките што ги бара ЕУ, веднаш беше индиректно турнат од власта и заменет со привремена техничка влада на технократот Лукас Пападимос.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Вучиќ кон Пикси откако автобусот се заглави во песок: „Тешки сме Драгане“

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека е договорено финалето на Лигата на Европа на УЕФА во 2028 година да се игра на Националниот стадион во Сурчин. Вучиќ на...