fbpx

Тренчевска: Дневниот центар за деца со попреченост во Липково ја потврдува успешноста на социјалната реформа

-

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска заедно со градоначалникот на Општина Липково, Еркан Арифи, денеска го посети специјализираниот центар за дневен престој на деца со попреченост, лоциран во населеното место Оризаре.

По приближно една година од добивањето на дозволата за вршење дејност од областа на социјалната заштита, во овој специјализиран Дневен центар на дневно ниво престојуваат 14 деца, а истиот има капацитет од 38 деца со попреченост од повеќе населени места во општината Липково, информираат од Министерството за труд и социјална политика.

Воспоставувањето на оваа социјална услуга и работата на овој Дневен центар се дел од Проектот за подобрување на социјалните услуги што го имплементира Министерството за труд и социјална политика, со поддршка од Светска банка.

„Многу ме радува што гледам дека овој центар работи успешно и што навистина имаме неверојатен напредок кај децата кои престојуваат овде. Им честитам на целокупниот персонал кој со својата посветена и стручна работа се грижат и овие деца со попреченост кои живеат во помалите населени места да добијат еднакви можности да се интегрираат во образовниот и општествениот живот. Тоа се совпаѓа со заложбите на владата и на министерството, како и со основните цели на социјалната реформа, а тоа е да се овозможи пристап до неопходните социјални услуги на сите оние на кои тие им се потребни, вклучувајќи ги најранливите групи во општеството, како и оние што живееат во руралните и одалечените места во државата“, изјави министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска.

Со центарот управува здружението „Имаго плус“, чии вработени, кои поседуваат лиценци за ваков вид дејност, преку индивидуален пристап, обезбедуваат професионален и стручен третман за нега и рехабилитација на секое дете во центарот, подготвуваќки ги успешно да се интегрираат во образовниот и општествениот живот.

Услугата што ја добиваат децата во овој центар предвидува индивидуална, групна и окупациска терапија која на децата им помага да го зачуваат и унапредат своето здравје и истовремено да го поттикнат нивниот интелектуален, емоционален и социјален развој. Покрај тоа, во овој центар се спроведуваат и стручни советувања и работилници за поддршка на родителите на децата.

Липково беше една од општините која, во партнерство со здружението „Имаго плус“, аплицираше на првиот јавен повик и доби средства од Проектот за подобрување на социјалните услуги, што овозможи да се воспостави и развие услугата нега за децата со попреченост кои живеат на територијата на оваа општина.

За негата, третманот и секојдневните активности на децата кои престојуваат во Дневниот центар се грижи стручен тим составен од пет специјалисти, и тоа: рехабилитатор и едукатор, логопед, психолог, социјален работник и физиотерапевт.

Во рамки на Проектот за подобрување на социјалните услуги, што е еден од инструментите за поддршка на социјалната реформа која ја спроведува Министерството за труд и социјална политика, досега се поддржани 22 проекти во 27 општини ширум земјата. За давање на социјалните услуги досега се обучени и лиценцирани преку 300 лица, кои обезбедуваат соодветна грижа за околу 700 корисници.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Португалската влада го отфрли предлогот на претседателот за репарации за ропството

Португалската влада го отфрли предлогот на претседателот на државата дека треба да „плати“ за ропството и другите злосторства од колонијалната ера, велејќи дека нема планови за репарации, а наместо...