Тимот „Слободно крило“ победи на средношколскиот натпревар за претприемнички вештини

Средношколците Мартина Нанева, Петар Цековски, Анастасија Накова и Јана Манова од тимот „Слободно крило“ го освоија првото место на Кампот на иновации – натпревар на средношколци во претприемнички вештини што се одржа вчера. Настанот се организираше од Џуниор Ачивмент Македонија, во соработка со Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје и со поддршка на УСАИД.  

Победничкото решение на четирите средношколци од Кавадарци, Скопје и Свети Николе нуди поинаков вид на хотелски услуги, каде цел еден дел на хотелскиот простор е прилагоден за престој на млади луѓе со куќен ред” кој ним им одговара и простор за настани прилагодени на нивните интереси и потреби, информираат организаторите од Џуниор Ачивмент Македонија.

На натпреварот учествуваа 52 ученици од 13 средни училишта од територијата на целата држава. Учениците работеа во 13 тима од по 4 ученици, а им помагаа 13 бизнис волонтери во нивната работа за пронаоѓање на иновативно решение на поставениот предизвик. Членовите на тимот, не се познаваа меѓу себе, што го направи предизвикот за пронаоѓање и изработка на заедничко решение уште поинтересен, велат организаторите.

На присутните ученици и гости им се обратија министерот за образование и наука Арбер Адеми, претставникот од канцеларијата на УСАИД Наташа Булеска, професорот Зоран Ивановски, про-Ректор за меѓународна соработка на Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје како и Љупка Панчевска, извршен директор на Џуниор Ачивмент Македонија.

УСАИД преку проектот за Поддршка на претприемничко учење во Југоисточна Европа и Евроазија имплементиран од Џуниор Ачивмент Македонија им овозможува на младите стекнување практично искуство за водење бизнис и развивање на нови вештини.