Германија, Франција и Италија сакаат да соработуваат поблиску во вештачката интелигенција на начин што Европа ќе може поефикасно да се натпреварува со САД и Кина, пишува германската новинска агенција ДПА.
Министрите за економија на трите најголеми економии во ЕУ – Роберт Хабек, Бруно Лемер и Адолфо Урсо – во Рим вчера предупредија на силната регулација на вештачката интелигенција во рамките на ЕУ. Хабек изјави дека „стратешката координација“ е клучна во поглед на меѓународниот натпревар.
Германија, Франција и Италија се дел од групата Г-7, а Италија го презема претседателството наредната година.
Министрите постојано потенцираат дека Европа треба да се држи до себе на меѓународно ниво во однос на вештачката интелигенција.
„Ние немаме што да криеме. Имаме компании што се подобри од американските технолошки гиганти во многу области“, изјави министерот Хабек.
Во исто време, тој повика на побрзи одлуки на европско ниво.
„Ако треба да се чекаат и три пол години, тогаш ние нема да имаме шанса“, изјави тој, додавајќи дека на тој начин ќе завршиме со регулација на пазар којшто повеќе не постои.
Францускиот министер за економија, Бруно Лемер предупреди на регулаторната замка и бирократијата.
„Пред да мислиме на регулацијата, ние мора да мислиме на иновацијата и финансирањето. Иновацијата е таа која ја создава регулацијата“.
Лемер посочи дека во САД се вложуваат за 10 пати повеќе пари на вештачката интелигенција во споредба со инвестициите во Европа. Има доволно капитал и има доволно ефикасни компании, но тие често не одат заедно, рече тој.