Парното греење од утре поскапува за 4,51 отсто

Според првиот човек на Регулаторна комисија Марко Бислимоски, компаниите треба што побргу да го вратат во функција топловодот под мостот „Беласица“, којшто летово беше оштетен

Фото: Архива на Мета.мк

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) денеска донесе одлуки со кои крајната цена за испорачаната топлинска енергија на потрошувачите снабдувани од трите компании од ЕСМ од 1 ноември ќе се зголеми за 4,51 отсто. ЕСМ, односно неговите три компании, побарале зголемување од над 50 отсто, соопшти РКЕ.

Според првиот човек на Регулаторна комисија, Марко Бислимоски, со зголемувањето во износ од 10 пати помалку од побараното, компаниите се приморани да работат економично, односно за тоа да се оствари, што побргу да го вратат во функција топловодот под мостот „Беласица“, којшто летово беше оштетен.

„Со овие одлуки цената за граѓаните останува во опсег стабилна, а трите компании на ЕСМ за снабдување, дистрибуција и производство на топлинска енергија се практично приморани што побрзо да го стават во функција топловодот Беласица за системот да работи економично и во целост да ја користи топлинската енергија од ТЕТО“, порача Бислимоски.

Со работата на ТЕТО и функционирањето на топловодот Беласица, просечната сметка за топлинска енергија изнесува 1.800 денари, а без работата на ТЕТО 2.800 денари, што е разлика во цена од 60 отсто, објасни тој.

Вкупно 64.000 домаќинства во главниот град се приклучени на централното греење.