Учениците Кирил и Кристијан од Ресен по вторпат се национални победници на Европскиот квиз на парите

Ова е втора победа на двајцата ученици, оваа година како средношколци, откако и лани го освоија првото место на националниот натпревар

фото: Македонска Банкарска Асоцијација

Учениците Кирил Китевски и Кристијан Лазароски од СОУ „Цар Самоил“ од Ресен, под менторство на професорката Дијана Ѓоргиевска се победници на националниот натпревар за Европскиот квиз на парите. Настанот е во организација на Македонската банкарска асоцијација (МБА), со поддршка на Народната банка и Комисијата за хартии од вредност и се одржа по шести пат, за време на Глобалната недела на парите.

Инаку, ова е втора победа на двајцата ученици, оваа година како средношколци, откако и лани го освоија првото место на националниот натпревар. Тие ќе ја претставуваат нашата земја на европското финале, кое ќе се одржи на 19 април во Брисел, Белгија.

Второто место го освоија Стефани Георгиевска и Филип Клобучински од СЕПУГС „Васил Антевски Дрен“ со менторката Билјана Ниновска, додека третопласирани беа Лара Росоманска и Елена Ризова од СОУ Гимназија „Добри Даскалов” – Кавадарци,  со менторката Лоска Давчева.

На националниот натпревар годинава се пријавиле 525 тимови од 85 училишта, менторирани од 102 професори. На македонски јазик се натпреварувале 479 тимови, а 46 тимови се натпреварувале на албански јазик.