Состојбата во болницата Ал-Шифа, најголемата болница во Појасот Газа, продолжува да се влошува. Нема доволно медицинска опрема, струја и вода. Израелските одбранбени сили ја имаат опкружено болницата и строго контролираат влез и излез од болницата, бидејќи тврдат дека под неа се наоѓа клучна оперативна база на Хамас, известува Би-би-си.
Доктор кој работи во Ал-Шифа за Би-би-си вели дека ситуацијата во болницата е многу тензична. Според него, како што продолжува бомбардирањето околу болницата, станува ризично дури и само да се движи од едно во друго крило на болницата. Дополнително, таа е опкружена со израелски тенкови, што оневозможува влез и излез од болницата.
Во болницата и околу неа се наоѓаат безброј мртви тела. Светската здравствена организација вели дека болницата „наликува на гробишта“.
Постои огромен страв за шансата на преживување на околу 12 предвремено родени бебиња кои не можат да продолжат да останат во инкубатори поради недостигот на струја. Според доктор во болницата, кој е во кореспонденција со Би-би-си, веќе седум бебиња умреле поради недостиг на кислород.
Израел на социјалната мрежа Х (поранешно Твитер) изјавува дека планира да ги снабди болниците со инкубатори, придружувајќи ја објавата со слика од како се вади инкубатор од комбе. Но, од Би-би-си потенцираат дека не е јасно каде е направена фотографијата.
Израел вели дека се обиделе да ја снабдат болницата со 300 литра гориво, но дека Хамас ја спречиле оваа акција, нешто што Хамас го негарираше. Главниот доктор на Ал-Шифа вели дека дури и да стигнеле тие 300 литра, би биле далеку од доволно за да се поддржат дневните активности на болницата, односно потребни се најмалку 10.000 литри.
Израелската власт вели дека болницата Ал-Шифа се користи како база на Хамас. Портпарол за израелската војска вчера претставил наводни докази за тоа дека Хамас чува оружје во болницата. Би-би-си не можеле ја потврдат валидноста на доказите, а Хамас ги негира обвиненијата на Израел.
Претседателот на САД Џо Бајден изјави дека „мора да биде заштитена“ главната болница во Газа, а премиерот на Обединетото кралство Ричи Сунак го повика Израел да примени „хуманитарни паузи“ за да се спречи умирањето на толку голем број палестински цивили.