fbpx

Meсец на машко здравје: Ако имате повеќе од 40 години, правете редовни прегледи кај уролог

На веб-страницата на ИЈЗ се објавени препораки и совети во врска со машкото здравје, чиј фокус годинава е кревање на свесноста за ракот на простата, тестикуларниот канцер, како и менталното здравје

-

Ноември е месецот на машко здравје, а активностите на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) целат кон тоа да ја кренат свесноста за здравствените проблеми со кои се среќаваат сите мажи во текот на својот живот, но и за потенцијалните ризици на кои треба да обрнат внимание. На веб-страницата на ИЈЗ се објавени препораки и совети во врска со машкото здравје, чиј фокус годинава е кревање на свесноста за ракот на простата, тестикуларниот канцер, како и менталното здравје.

„Модерниот живот е полн со многу стрес, многу притисоци од општеството, со што им се нарушува и здравјето и квалитетот на нивниот живот. Исто така одредени состојби кои се најчесто превентабилни може да водат до предвремена смрт кај мажите, или пак сериозно да го компромитираат нивното здравје“, велат во ИЈЗ.

Во објавата, се потсетува дека рак на простата е најчестото малигно заболување кое ја опфаќа машката популација насекаде низ светот. Простата е жлездест орган кој е дел од машкиот репродуктивен систем со големина и форма на орев. Како мажите стареат, простатата има тенденција да се зголемува и да се изменува во формата.

„Затоа сите мажи треба активно да се грижат за своето здравје и да ги следат препораките од здравствените работници. Ова е особено важно за оние мажи кои се дел од групата со висок ризик за рак на простата. Тоа се мажи кои се повозрасни, имаат фамилијарна историја за болести на простата, не се физички активни, имаат нездрави животни навики (пушење, алкохол, дрога, стрес). За да се намалат влијанијата на ризик факторите треба да водат здрав животен стил. Живот со здрава исхрана, физичка активност, го намалуваат ризикот за ова заболување. Треба редовно да се оди на прегледи оти раното откривање овозможува рана интервенција и целосно заздравување кај повеќето пациенти. Затоа редовните прегледи на уролог кај мажите над 40 години е клучно“, потенцираат во ИЈЗ.

Во врска со ракот на тестис, во ИЈЗ објаснуваат дека е тоа pетка состојба која ги зафаќа мажите во која било возраст, но најчесто се јавува кај мажи над 56 години.

„Во повеќето случаи (повеќе од 95 отсто) дијагнозата на рак на тестисите значи третман и добар исход. За жал, има мал дел од мажи и момчиња кои не се соочуваат со тој добар исход и треба да се направи повеќе за да се поддржат овие мажи низ дијагнозата и третманот за да може да имаат долг и здрав живот. Ризик фактори за ракот на тестиси се фамилијарна историја, нетретирани хронични инфекции на репродуктивниот систем, неспуштени тестиси, нездрав животен стил. Симптоми кои најчесто се јавуваат во вид на појава на оток и болка на тестисите“, додаваат во ИЈЗ.

Покрај овие состојби на нарушување на физичкото здравје на мажите, многу е битно да се обрне внимание на менталното здравје на мажите. Со модерниот животен стил, мажите се среќаваат со бројни предизвици во текот на секојдневните активности, што може да им го наруши менталното здравје. Резултатите од лошото ментално здравје можат да бидат смртоносни.

„Мажите, без оглед на возрасната група, честопати не препознаваат кога се соочуваат со проблеми со менталното здравје и можеби не им е удобно да побараат помош. Непријатната вистина е дека некои стереотипни форми на машкост ги убиваат мажите. Ние се трудиме да им помогнеме на мажите да развијат успешни, стратегиски модели за подобрување на менталното здравје и благосостојба. Се трудиме да ги предизвикаме негативните аспекти на машкоста и влијанието што тоа може да го има врз менталното здравје. Ги охрабруваме мажите да останат поврзани со пријателите и семејството. Ги поттикнуваме да донесат разговори за менталното здравје надвор од здравствениот систем (на пр. во спортски клубови или работни места)“, се додава во препораките од ИЈЗ.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.