Основниот суд Скопје 1 попладнево соопшти дека е подготвен, доколку е потребно, да воведе и дежурства за да можат кандидатите за пратеници да извадат уверенија за неосудуваност и партиите навреме да ги поднесат пратеничките листи.

Од судот ги отфрлаат обвинувањата на дел од политичките партии дека судот им правел проблеми околу издавањето на уверенијата и нагласуваат дека винатата треба да ја бараат кај себе поради ненавременото доставување на барањата за издавање потврда од кривичната и од казнената евиденција.

„Почитувајќи ги законските рокови и целта за која се вадат уверенијата, сите реакции во врска со нашето соопштение не треба да бидат насочени кон судот, туку барателите да ја побараат вината во ненавременото доставување на барањата за издавање на потврда за кривична и за казнена евиденција. Судот не може да биде виновен за личната неажурност на барателите до последен момент да не поднесуваат барања и судот да биде виновникот. Дополнителен проблем на судот е што одредени поединци кандидати на листи за претстојните парламентарни избори се обидуваат да го заобиколат законот со најразлични ургенции и повторно преку медиумите да извршат притисок и да ја сокријат својата неажурност… И покрај сето наведено и сите манипулации во врска со нашето соопштение, ја уверуваме јавноста дека доколку е неопходно, судот ќе воведе и дежурства за кандидатите да го запазат законскиот рок за поднесување кандидатски листи“, стои во соопштението на Основниот суд Скопје.

Основниот суд Скопје 1 денеска соопшти дека поради предвремените парламентарни избори и зголемениот број на барања, наместо како досега за три дена, ќе издава уверенија од казнената и од кривичната евиденција во рок од пет до седум дена.

Кандидатите што ќе се најдат на пратеничките листи треба да извадат уверенија за неосудуваност, а крајниот рок за поднесување на пратеничките листи е петок на полноќ.

Либералната партија денеска испратила известување до Држваната изборна комисија, во кое навеле дека при доставувањето на документите во Основниот суд Скопје 1, им било кажано дека судот веројатно нема да биде во можност да ги издаде потребните документи во следните седум дена. Партијата од ДИК побара да ги преземе сите потребни мерки за да не се прават „административно-политички пречки“ на партиите.