Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, е во оставка од премиерската функција веќе 322 денови, наместо 100 дена како што е предвидено со Договорот од Пржино.
Груевски во мај минатата година, во интервју за телевизија „Сител“, беше категоричен дека нема ниту да поднесе оставка ниту да прифати формирање на преодна влада бидејќи, како што рече, тоа би било кукавички чин.
Сепак, времето покажа дека и покрај тоа што Груевски беше убеден дека ќе остане премиер, тој веќе една цела година е само лидер на политичка партија.
Според Договорот од Пржино, предвремени парламентарни избори требаше да има на 24 април, па затоа Груевски од функцијата премиер на државата поднесе оставка на 15 јануари 2016 година.
Еден ден пред да поднесе оставка, Груевски, во обраќање до јавноста, соопшти дека ќе поднесе оставка за доброто на државата.
– Оваа оставка ја претставува силата на нашето убедување и верба во демократијата. Нашата цел се чисти избори кои нема да дадат простор за изговор никому. Убедени сме дека ова што го правиме е за доброто на државата – рече Груевски во обраќањето.
За нов премиер задолжен за спроведување на изборите, избран беше генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Емил Димитриев, кој во премиерската фотелја седи речиси цела година. Одлуката Димитриев да биде на чело на преодната влада, беше донесена на седница на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, а потврдена од централниот комитет на партијата.
Тогаш Илија Димовски рече дека претседателот на партијата, Никола Груевски, ја има целосната поддршка на централниот комитет и дека тој повторно ќе биде кандидат за премиер на ВМРО-ДПМНЕ на предвремените парламентарни избори. Груевски сега е носител на пратеничката листа во четвртата изборна единица.
По барање на опозицијата, изборите се презакажаа двапати, еднаш за 5 јуни, а потоа како краен датум беше одреден 11 декември.
Освен оставката на Груевски, Договорот од Пржино предвидуваше оставки и од министрите за внатрешни работи и за труд и социјална политика и на тие места поставени беа кадри од СДСМ. Како дополнителни механизми на контрола беа воведени и дополнителни заменици-министри во Министерството за информатичко општество и администрација, Министерството за финансии и во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Како што се менуваа датумите за избори, така министрите и дополнителните заменици-министри од СДСМ, Оливер Спасовски, Фросина Ременски, Кире Наумов, Љупчо Николовски и Александар Кирацовски, поднесуваа оставки и повторно се враќаа на функциите.
Само Груевски не се врати на премиерската функција, која му ја отстапи на Димитриев речиси цела година.
Договорот од Пржино не е баш прецизен за роковите во кои требаше да се формира преодна влада без Груевски, бидејќи содржи формулации од типот „во догледно време“ и „ќе поднесе оставка навреме“.
Еве, што точно за ова предвидува Договорот од Пржино:
Актуелната Влада ќе ја поднесе својата официјална оставка до Собранието во догледно време, да овозможи новата влада да биде инаугурирана на 15 јануари 2016 година, 100 дена пред парламентарните избори кои ќе се одржат на 24 април 2016 година.
Според Уставот, доколку изборите на 11 декември поминат во најдобар ред и ги исполнат очекувањата на граѓаните, партиите и на гарантите на Договорот од Пржино, новиот собраниски состав ќе биде конституиран најдоцна до 31 декември, а новата Влада најдоцна до средината на февруари следната година. Ова значи дека Груевски дефинитивно ќе биде во оставка од премиерската функција повеќе од една година.