Политичките партии до полноќ треба да ги достават финансиските извештаи за трошењето на парите во првите десет дена од изборната кампања.

Според членот 84б од Изборниот законик, организаторот на изборната кампања е должен единаесеттиот ден од денот на изборната кампања да поднесе финансиски извештај за приходите и за расходите на жиро-сметката за изборната кампања од денот на нејзиното отворање до крајот на десеттиот ден од изборната кампања.

Извештајот, покрај до ДИК, се доставува и до Државниот завод за ревизија и до Државната комисија за спреќување на корупцијата. Ваков извештај се поднесува и за вториот дел од кампањата по завршување на изборниот процес.

Финалните финансиски извештаи партиите треба да ги достават во рок од три месеци по завршувањето на изборите.