fbpx

Столтенберг во Собранието: Северна Македонија е пример дека има алтернативи на насилството

Денес РСМ е пример за успешно мултиетничко општество. Му покажува на регионот, но и пошироко, дека е можно различностите да живеат заедно во мир и дека има реални, вистински алтернативи како одговор на насилството, порача Генералниот секретар на НАТО.

-

Северна Македонија е богата со неверојатни луѓе, прекрасни пејсажи и светло ветување за иднината. Вие водите со пример, покажувајќи како луѓето од различни етнички и религиски позадини може да живеат заедно и да градат држава. Вашата држава е доказ дека со посветена работа, реформи и посветеност на вредностите и идеалите на трансатлантската заедница, а тоа се слободата, демократијата и владеењето на правото, без разлика колку тешко и да изгледа, дека секогаш е возможен напредок. Без разлика дали зборуваме за членство во НАТО, во ЕУ, дали говориме за мир, безбедност и просперитет на вашите луѓе.

Со ваквите зборови Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, го заврши своето обраќање во Собранието на Северна Македонија пред пратениците, државниот врв и двајцата поранешни претседатели Бранко Црвенковски и Ѓорге Иванов, како и пред првите луѓе на најважните институции во државата.

Поздравувајќи со „Добар ден“ на македонски, тој изрази големо задоволство што е повторно поканет во Собранието, како што било и претходно, но овојпат се обраќа првпат откако Северна Македонија стана полноправна членка на НАТО.

„Првпат се обратив пред ова Собрание кога аплициравте… А сега седиме како сојузници. Оттука, добредојде во НАТО, честитки зошто сте дел од најуспешната алијанса во историјата“, рече Столтенберг.

Истакнувајќи ги придобивките од членството во НАТО, тој потсети дека земјава првпат донела одлука да се приклучи на НАТО пред 30 години и дека патот бил долг и полн со предизвици.

„Ваквото патешествие бараше истрајност, одлучност и посветеност на реформи. Со политичка храброст и визија успеавте да постигнете историски компромис со Грција. Преспанскиот договор го овозможи членството во НАТО“, рече Генералниот секретар на НАТО.

Зборувајќи за активностите на Република Северна Македонија како кандидат и како членка на НАТО, тој порача дека историските примери од Централна и Источна Европа укажуваат дека членството во НАТО го отвора патот и кон Европската Унија.

„Знаете дека поранешните членки на Источниот блок првин станаа членки на НАТО, а потоа и на ЕУ“, нагласи Столтенберг.

Тој нагласи дека Западен Балкан му лежи на срце, затоа што како дете, син на норвешки дипломат минал три години во поранешна Југославија и секогаш со радост се враќа.

„Тогаш го вкусив првпат мојот прв сладолед, ги јадев моите први полнети пиперки, научив игра што завршуваше со чуч или збор. И оттогаш имам многу пријатни спомени од поранешна Југославија. И оттогаш многупати сум се вратил во овој регион, сум се вратил и во Северна Македонија, за да посетам пријатели. Како норвешки политичар, но и како генерален секретар на НАТО.

Оттука во 2018 година бев тука за прогласувањето на Столтенбергова улица, улица која го носи името на мојот татко, којшто е почесен граѓанин на Скопје. Ова беше признание за неговите напори, но и напорите на мојата мајка да им се помогне на оние што настрадаа во земјотресот во 1963 година. Тие ја координира помошта што пристигнуваше од Норвешка, но им помагаа и на многумина што останаа без дом заради оваа природна катастрофа.

Во исто време, моите родители помогнаа во трансформацијата на болницата за туберкулоза, во денешно време познатото Козле – Институт за респираторни болести на деца“, се потсети Столтенберг.

Тој потоа се наврати малку нанапред во историјата, нагласувајќи дека земјава во крвавиот колапс на комунизмот, на поранешна Југославија, е единствената држава која се здоби со независност без да биде пролеана капка крв, како и дека успеала да ги надмине траумите на 2001 година. Затоа таа денеска е пример дека има вистински алтернативи како одговор на насилството, порача Генералниот секретар на НАТО.

„Денес РСМ е пример за успешно мултиетничко општество. Му покажува на регионот, но и пошироко, дека е можно различностите да живеат заедно во мир и дека има реални, вистински алтернативи како одговор на насилството. Денес овде се претставении сите и помагаат да се изгради една нација во една држава. Сите заедно“, нагласи тој.

Тој посебна важност посвети и на утрешната средба на лидерите од НАТО од Словенија, Хрватска, Црна Гора, Албанија и Северна Македонија.

„Мислам дека токму оваа средба ја одразува важноста што ја придаваме на РСМ“, порача Столтенберг, појаснувајќи дека на состанокот ќе се зборува за Западен Балкан и за безбедносните прашања во поширок контекст, односно за руската агресија врз Украина

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Израелскиот премиер Нетанјаху вели дека нападот на Рафах ќе се случи со или без договор

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека Израел ќе започне воена инвазија на градот Рафах во јужниот дел на Газа без оглед на преговорите за примирје со Хамас, пишува Би-би-си. Oва...